Адеми: Предложените измени не значат бркање од работа на наставниците кои штрајкуваат

 

Предложените измени на законите за основно и за средно образование, кои влегоа во собраниска процедура, се однесуваат на повеќе прашања, а одредбата да нема прекин на наставата  во случај на штрајк на наставниците е една од нив, рече денеска министерот Абдилаќим Адеми.

- Предлогот во никој случај не предвидува прекин на работниот однос, односно бркање од работа на наставниците и професорите кои ќе штрајкуваат. Главната цел на предложената одредба, доколку се усвојат измените на законите, е  да нема прекин во наставата, зашто образовниот процес е јавен интерес. Во никој случај не ни е намерата да ги прекршуваме работничките права, но ако има прекин на наставата треба потоа да носиме посебни програми. Во никој случај не сакаме да имаме влијание на одлуката на СОНК дали ќе штрајкува или не. Тоа е нивно право и го гарантира и Уставот и законите, рече Адеми одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција.

Тој појасни дека по барање на директорите на училиштата до градоначалниците на општините, а за државните училишта до министерот, може привремено да се вработуваат нови наставници кои ќе ја продолжат наставата додека трае штрајкот. 

Адеми нагласи дека се отворени за соработка со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) со чии претставници, како што рече, имал само една средба која траела 20-ина минути. 

- Ние сме отворени за разговори затоа што сметаме дека СОНК е еден од нашите партнери, со кој можеме да ги реализираме и нашите заеднички цели – подобри услови за вработените и поквалитетно образование, додаде министерот.

Во предложените измени на законите за основно и за средно образование, предвидени се и новини за наградите и казните на наставниците со најмало односно со најголемо отстапување во оценувањето.

- Се однесуваат на екстерно и на интерно оценување. Предлагаме доколку бројот на наставниците кои треба да бидат наградени е над 20 проценти, тогаш бројот на наградените да не биде повисок од бројот на наставниците кои имаат поголеми отстапувања во екстерното тестирање. Значи, да имаме еднаков број што ќе бидат истакнати во конечниот извештај - и на наставници со поголемо отстапување и на наставници со помало отстапување. Што се однесува до интерното оценување – износот на средства кој ќе биде одвоен од наставниците кои имаат поголемо отстапување подеднакво ќе биде поделен на сите наставници кои имаат помалку отстапување, рече Адеми.

06.09.2014 - 14:08
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега