ВМРО-ДПМНЕ: Заев претстави стари и потрошени кадри, лица без кредибилитет

Зоран Заев се однесува неодговорно и несериозно. Наместо нови луѓе тој престави стари и потрошени кадри, поголемиот дел некомпетентни и без кредибилитет за областа која ја покриваат, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

vmro-sdsmmm

Во продолжение следува интегрален текст од нивното соопштение до јавноста

Наместо да зборуваат за проекти тие си измислуваат нови функции во рамки на партијата, но луѓето остануваат исти. Концептот кој го претстави Заев не е нов. Тој е истиот кој го промовираа кога Бранко Црвенковски беше на чело на партијата. Поголем дел од тие луѓе беа дел и од составот и личниот кадровски избор на Зоран Заев пред изборите со кој загуби со над 200 илјади гласови разлика. Промовирањето на ваквиот концепт преставува продолжување на неразбирањето и игнорирање на пораката од граѓаните дека му ги прифаќаат овие луѓе. Ова е продолжување на нивната арогантна теза дека тие не се криви, ним ништо не им фали, тие се најдобрите и дека народот е крив што не ги гласа и е заведен од некаква измислена диктатура. Тие како во времето на комунизмот само си ги прераспределуваат позиции и титули без суштинска реформа.

Истите луѓе кои ги именуваа пред нецела година како претстедатели на Совети и партиски функционери сега само се преименувани во извршни директори, претстедатели на комисии и слично. Наместо да зборуваат за програма и проекти тие си измислуваат нови функции во рамки на партијата и не водат сметка за проблемите, а граѓаните и со тоа дека треба да создадат понуда алтернатива, а не да си делат виртуелни функции.

Радмила Шекеринска е ликот во СДСМ кој секогаш беше најгласниот и најеуфоричниот поддржувач на Бранко Црвенковски и која цела своја кариера ја помина во аминување и спроведување на неговите погрешни политики. Сега е одговорна за надворешни работи во СДСМ, претходно ветуваше влез во НАТО и ЕУ за само 6 месеци, а никогаш не кажа како и по која цена ќе го направи тоа. Таа е дел од сите политики на СДСМ и сите изборни порази. Како прв човек на СЕП за сите јавни набавки ја постави за одговорна својата золва.  Меѓу другото Шекеринска е позната и по фактот што со својот сопруг ја земаат најскапата кирија од 5000 евра месечно за стан кој сами на себе го рентаат.

Оливер Спасовски, сега одговорен за внатрешни работи, поранешен секретар на општина Куманово и инволвиран во сите матни тендери во општината. Со години истиот Оливер Спасовски се појавуваше позади Зоран Дамјановски Циц и учествуваше во упропастувањето на Куманово, скапите вечери и пијанки кои ги организираше градоначалчникот и локалните директори. Ако беше барем малку способен немаше да дозволи во Куманово СДСМ зад себе да не остави ниту еден единствен проект. Како генерален секретар на СДСМ еден од креаторите на сценариото за создавање на алиби за изборен пораз и непризнавање на резултатите од изборите.

Дамјан Манчевски цел живот се шлепаше на Радмила Шекеринска и меѓу членовите на СДСМ важи за човек чиј пат до позиција му бил поплочен со голем број на убави зборови најчесто за стајлингот на претпоставените. Денес тој е одговорен за земјоделие, а човекот нема никаква врзивна точка со земјоделието. Единствено најголемо искуство има со бизнисот со тендерите за паркинг кој ги добила од општина Куманово фирма чиј што еден од основачите е токму Манчевски.

Александар Кирацовски сега одговорен за здравство во СДСМ, човек кој од потпреседател на СДММ, стана потпретседател на СДСМ. Тој инаку е дипломиран машински инженер и нема допирна точка со здравство. На јавноста и остана запомнат како учесник во крвава тепачка, а денес СДСМ го промовира во проверен и компетентен кадар.

По којзнае кој пат СДСМ се обидува Цветанка Иванова да ја прикаже како нов и докажан кадар, а веќе со години нејзиното семејство е во бизнисот на распределба на тендери во Струмица од кои создадоа огромно богатство. И на струмичани, но и на целата македонска јавност е позната спрегата која постои меѓу смејеството Иванови и Заеви. Шемата е позната. Заеви даваат работа, Иванови извршуваат.

Мила Царовска, е познатиот партиски експерт на СДСМ во НВО секторот, нивна инсталација која често затскривајќи се зад наводни НВО организации ја оцрнуваше работата на Владата. Очигледно дека за својата работа го задолжила СДСМ за висока партиска функција.

Исто како неа и Лидија Димова, доскорешната квазиекспертка за европски прашања, преку ноќ се претвори во партиски функционер на СДСМ. Таа беше пред две години промовирана за претседател на партискиот совет на СДСМ и сега повторно е промовирана на истата функција. Таа е еден од експертите финансирани од СОРОС, претходно го раководеше НВО Македонски центар за европско образование, организација финансирана од СОРОС која по добивањето на партиската функција во СДСМ престана да делува во јавноста што е доказ повеќе дека се работело само за праван зад кој Димова го затскривала своето делување и одработување за СДСМ. Таа ќе остане запаметена по изјавите дека е независна и нема поврзаност со СДСМ и исто така како претседател на МЦЕО побара од Брисел укинување на парите кои Европската унија ги дава за поддршка на Република Македонија.

Последниот нејзин гаф беше лагата дека Владата префрлила пари на странска компанија за која се утврди дека не добила ниту денар.

Роберт Алаѓозовски веќе беше промовиран во претседател на таканаречениот Совет на култура. Сега е повторно на истата функција. Откако на изборите во 2002 година Алаѓозовски како дел од Коалицијата на партии Граѓанска алијанса за Македонија беше носител на кандидатска листа во 4-та изборна едница доживеа дебакл, беше и вршител на должост претседател на Лигата за демократија. Инаку како и секоја сдсмовска инсталација во граѓанскиот сектор, Алаѓозовски во повеќе наврати е стипендист и потпомогнуван од фондацијата СОРОС Македонија. Роберт Алаѓозовски е пропазнатлив и како член на граѓанската организација Контрапункт.

Рената Десковска која беше еден од потрпетседателите на СДСМ во времето на Бранко Црвенковски сега повторно е дел од кадровскиот состав на Зоран Заев. Десковска на последните локални избори како носител на изборната листа на СДСМ е дел од катастрофалниот пораз кој го доживеа СДСМ.

Драган Тевдовски кој сега е поставен на чело на Комисијата за економија е дел од професорското лоби на СДСМ и дел од сите изборни лаги и празни ветувања на СДСМ кои ги даде во сферата на економијата во претходните изборни циклуси. Драган Тевдовски беше и еден од основачите на институтот Прогрес кој имаше задача креирање на јавно мислење и критика на работата на Владата, криејќи се зад параванот на дејствување на граѓанскиот сектор.

Ванчо Узунов кој сега повторно е промовиран како дел од СДСМ кој ќе го опфати сегментот на финансиите и економијата преставува старо кадровско решение на СДСМ. Тој беше член во бордот на директори на Телеком кога за периодот 2005-2006-та година американските истражни органи посочуваат дека претставници на Владата на СДСМ учествувале во корупција за одржување на монополот на Телекомот. Узунов е поранешен Претседател на Транспарентност Македонија и личен советник на Бранко Црвенковски.

Стево Пендаровски кој сега Заев го преставува како дел од неговиот тим би потсетиле дека само пред неколку месеци го доживеа најубедливиот пораз со што јасно се докажа и покажа што мислат граѓаните за него.

Кире Наумов е дел од сите кадровски шеми на сите претседатели на СДСМ. Сега повторно тој е дел од кадровската понуда на Зоран Заев.

Со ваквиот кадровски состав Заев продолжува со неразбирање и игнорирање на пораката на граѓаните дека не му ги прифаќаат овие луѓе и овој начин на работа. Се додека вака ги поставуваат работите и не ги гледаат грешките во себе ќе лутаат при креирањето на политиките и ќе останат нестабилни и неослонливи како политичка гарнитура.

Површноста и парадерството остануваат нивна одлика.

10.09.2014 - 20:49
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега