Практичен дел од вежбата „Здружен отпор 13“

Меѓународната вежба „Здружен отпор 13“ започна со реализацијата на практичниот дел од сценариото  за симулирање на земјотрес каде се очекува да биде демонстрирана интероперабилноста помеѓу Армијата и цивилните институции од  Македонија, како и армиите на САД и земјите од регионот во справување со последиците кои произлегуваат од него како што се пожари, поплави и оштетување на инфрастрктурата.

Предвидено со сценариото е да раководи Главниот штаб на Центарот за управување со кризи, кој ќе издава наредби на Оперативниот центар во кои партиципираат претставници  од армиите на земјите учеснички во вежбата.

Планираните инциденти се проигруваат во реонот на село Мушанци и Армискиот полигон „Криволак“, во кои учество ќе земат тимови за медицинска поддршка од Република Македонија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Црвениот крст од републиката , тимови за пребарување, спасување и евакуација од Дирекцијата за заштита и спасување, Министерство за внатрешни работи и Косово, тим за епидемиолошко извидување од Словенија и тим за цивилно воена соработка од САД и Босна и Херцеговина, кои ќе бидат кординирани од оперативниот центар.

Од  Македонија учество ќе земе и Полската болница ниво 2, во чиј состав се припаднците од АРМ и  лекари-специјалисти од Министерство за здравство.

Полската болница, која е распоредена во Центарот за обука „Пепелиште“ ќе се врши прифат и третман на лица кои имаат живото-загрижувачки повреди. Главната улога на Полската болница е стабилизација на пациентите и подготовка за евакуација до наредното ниво на здравствена заштита, доколку е потребно.

ФОТО: Сител