Драган Павловиќ Латас: Малопривредна политика

Ете, толку е душата и умот на овие од СеДеСето. Особено умот на нивниов Жерновски. Привремено на работно место градоначалник на Центар.

Уште ни втората плата не ја прими, а веќе го фатија во дубари.

Пуштил свои луѓе да рушат базени, оној на Плаја виста под Кале... или спортски терени, како игралиштето на АРМ во парк, до салата на Работнички. Неговите пајташи таму почнаа да спремаат дискотеки и ноќни клубови.

Толку е умот на СеДеСето. Им добацува до кафани и дискотеки. Брза пара, кешовина, млади надобудни девојчици и шетање мускули. Толку. За повеќе од тоа треба памет, школо, визија и баеги потење и работа. Што, познато е, никогаш не била доблест на СеДеСето.

Жерновски и Пенов, како лауреати на ЛДП, преферираат паркинг простори особено околу болници, каде муштериите мораат да ти дојдат во секој случај. Дуќани, особено во Рамстор, Трговски центар и, колку да се прошара, Сити мол.

Нивниот код за развој, инвестиции и визија е ограничен на ниво на мала привреда. Мали биле во се, па така и во економските потенцијали.

Затоа во СеДеСето се збеснати што Груевски гради и им ги уништува малопривредните планови. Не можат да му простат што го изгради Градски стадион. Па сега најавува дека и Луна парк ќе го дадел на странци да направат од него саглам место за детска забава. Еј! Он им 'рчка во нивна територија. Па они, младите надежи и народни херои на СДСМ, ги изградија дискотеките и ноќните клубови по парк, и наоколу. Го создадоа имиџот на градот, и најголемиот центар за дилање дрога по темници. А сега, некој си Груевски ќе им носи деца и фудбал на нов стадион и тоа, баш тука, на нивна територија.

Затоа и падна Влатко Тодоровиќ во Центар. Тргна да гради нова спортска сала на Работнички во Парк, а они таму веќе имале план за ноќен клуб.

Ако Груевски веќе им го зема паркот, не смееше да им пипа отаде кејот.
Па СДСМ џабе ли на нивниот функционер Маки му го даде лизгалиштето, кое не им треба на децата, за да ја развие Плаја виста, како современ центар на ноќниот живот и најголемиот дневен профит на кеш. Тоа е нивно место.

Да се отима од младите и децата, а да се дава на народните херои од СДСМ, е пракса. Така се зема Младинскиот културен центар кој се претвори во логистика на нивниот Хард Рок. Се зема лизгалиштето за да биде Плаја виста. Се урниса Луна паркот за нивните четири-пет отворени дискотеки и ноќни клубови...

Во суштина, тие веруваат дека ништо не земале. Наместо младите и децата да се забављаат дење по базени, лизгалишта и луна паркови... они им даваат ноќна забава на нивните постари браќа и сестри. А тоа кошта, нели.

Тоа е резонот и зошто СеДеСето се лути на Груевски дека им ги заебал плановите за забава градејќи театри, градска куќа, Уставен суд, министерства... покрај кеј. Од тие објекти не може, кога тие ќе ја земат власта, ни поштен кубански ресторан да се стокми, а камоли модерна дискотека или клуб. Тотално безнадежно фрлени пари во објекти без иднина. Плус, и барокни.
Они, во СеДеСето плус ЛДП, се проевропски. Европа, за нив, е бутик, кафана, дискотека... максимум ноќен клуб. Се друго е губење време.

Немаат потреба од поголеми ризици. И таа, малопривредна политика, од Пенов направи еден од најбогатите луѓе во Скопје. А богами ни Жерновски, согласно годините и тоа што нема некој работен стаж, не е далеку од тој пат.

Жерновски, сега, со кафани, ноќни клубови и дискотеки ги алиментира услугите на првите борбени редови на Бранковата партија. Кој и да добие канцеларија и шефовска визит карта на СеДеСето, секој од нас добро знае дека Бранко е лидер на партијата. И планер на малопривредната политика.

Се додека зградата на СДСМ е под хипотека ставена со негов потпис... се додека само неговиот потпис го има на тајните партиски сметки... се додека во извршните органи седат пријатели, роднини и комшии на Црвенковски и будно демнат до каде смее да се движи носителот на партиската шефовска визит карта... се додека од него бараат мислење за партиски и други функции кои партијата ги определува... се дотогаш Бранко е Капо ди тути капи. 
А партиски шефови во транзиција било, и ќе ги има. Дошле, поседеле до година-две и, божем спонтано, партијата побарала да си одат. Не ги бивало.

Дојдоа, поседоа па си отидоа Бучковски, па Шекеринска, следеше Заев... беа и заминаа. А Бранко секогаш бил, и е тука. Татко на партијата. Годфадр.

Тој, и со причина е над сите нив. Неговата лична политика не е малопривредна: базени, дискотеки, ноќни клубови, дуќани... не. Затоа и му збрчи на Стефче дека не му е гајле за Карпош, и неговата бекатон политика која не може да биде над партиската. Он има визија, и делува на големо. Он се се пазари за знаме и име на држава, за Рамковен договор, за територијална поделба и датум за преговори за кој е спремен да даде се, а да земе власт. 
Бизнис, ништо персонално.

А кој сака, еве овде може да се клади, дека баш Стефчо од Карпош ќе му ја јаде пченицата на СДСМ. Кога, еден ден, ќе дојде до промена на власт, СДСМ без Стефчо нема да може ни да се приближи до Илинденска бб. А, ако сака власт, Стефчо е тука спремен да се жртвува со премиерска функција.

Бидејќи Стефчо стана полнолетен политичар, Црвенковски го загуби старателството врз него. Тоа што, уште долго, ќе ги има под воспитна мерка Шема, Заев, другиот Зоки Јовановски, Шекеринска, Минчев или Макрадули, не е утешно. Никој од нив, освен со тешка и трауматична дипломатска ујдурма, нема шанса да биде премиер. А трауматичен премиер, сепак, не е вистински премиер.

Затоа што, ако дипломатите наместат трауматичен премиер он ќе биде шеф на влада која нема народ. Цената за таа операција е бришење на Македонија и Македонците од картата на нации и држави.

Тој премиер би имал оф-шор влада. Ем ја има, а уствари ја нема.
Доказ за тоа е и експериментот кој сега се прави со новинарите. Од амбасадите на ЗНМ му поставуваат функционери, им пишуваат заклучоци и соопштенија, што на нив не им паѓа тешко, за тие пари што ги добиваат. Затоа сега, номинално, имаме Здружение на новинари а немаме ни новинари ни медиуми. Кој мисли дека ги има, нека ми најде закон кој тоа го потврдува. 
Експериментот е ин витро, во живо. Пред наши очи, сега и овде.

Ќе ви постават Албанец за шеф, и соросоиди за извршители. Кога ќе им запне, кога ќе се јави отпор, ќе се појават странски експерти и пар амбасадорски изјави по што следи гушење на логиката, и чувство дека сите сме глупи затоа што, ете, не сме капацитетни да ги сфатиме тие европејски финеси.

Ако тој експеримент помине, следниот е оф-шор Влада. Малопривредна.

Пишува: Драган П. ЛАТАС за Вечер

најчитано сега