СДСМ пак „се истакна“

Најголемата македонска опозициска партија, преку соопштение испратено до јавноста реагира за денешеното самопрогласување на таканаречена Република Илирида во центарот на Скопје, притоа обвинувајќи ја актуелната власт за ваквата постапка на поранешниот пратеник во македонското Собрание, Невзат Халили.

Самопрогласениот „претседател" на самопрогласената „држава“ рече дека одлуката да се прогласи т.н. Илирида е донесена врз основа на Уставот на САД во кој пишувало дека секој човек имал право на самоопределување.

По ваквиот чекор на Халили, се огласи СДСМ. Социјалдемократите, вината за постапката на човекот кој на претходните претседателски избори не успеа да собере ниту доволен број потписи за да се кандидира, а на самиот денешен настан присуствуваа повеќе новинари отколку негови поддржувачи, ја најдоа кај актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

-Ваквите настани се резултат на политиките на актуелната власт на поделби, подгревање етнички тензии, партизација на државните институции, застој во евро-атлантските интеграции, осиромашување на граѓаните и бесперспективност, стои во соопштението од СДСМ.  

Останува нејасно зошто СДСМ својата реакција и обвинувања наместо да ја насочи кон самиот иницијатор Невзат Халили, кој ја застапува идејата за „редефинирање на Македонија како унија или заедница на две држави со единствено име Република Македонија Илирида", македонската опозицијата ја обвинува актуелната власт за несериозниот потег на Халили кој не наиде на никаква поддршка кај Албанците.

Ваквата постапка на СДСМ, познавачите ја оценуваат како фрустрирачки обид на опозицијата да прибере политички поени на своето конто,  а воедно на површина излегува и омразата кон политичкиот ривал проследена со смешни и неаргументирани обвинувања кои наидуваат на потсмев во јавноста. Албанските аналитичари пак, постапката на Халили ја оценија како несериозен потег кој нема да има некои посебни импликации на македонската политичка сцена.

Со реакција се јави и ВМРО-ДПМНЕ. Од владејачката партија најостро го осудуваат така нареченото прогласување на Илирида, се вели во соопштението од партијата.

-Овие настани, направени од одамна истрошени и маргинални политичари се груб и лош обид за сопствена промоција на штета на меѓусебното почитување и разбирање помеѓу граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ упатува јасна порака дека суверенитетот на државата не е работа со која може да си подигрува кој сака и кога сака. Вакви лица покажуваат незрелост и неодговорност во однесувањето. Овие обиди за сопствена промоција на поединци, преку нарушување на меѓусебната доверба, мора да бидат осудени од страна на сите субјекти, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ апелираат до политичките партии да не се злоупотребуваат овие настани за дневна политика и меѓусебна пресметка.

 

 

18.09.2014 - 22:11


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега