Пет нови инвестиции доаѓаат во Скопје

Погони за производство на стиропор и на елементи од ПВЦ, логистики центар за процесирање производи, центар за чување благородни материјали и складиште, се новите објекти што ќе се градат во индустриската зона Петровец кај Скопје.

Инвеститорите кои обезбедија локации за изградба на објектите во индустриската зона денеска ги добија дозволите за градење од министерот за транспорт Миле Јанакиески и градоначалникот на општина Петровец, Борче Митевски.

- Ова е уште еден начин со кој се потврдуваат позитивните политики кои се спроведуваат со цел привлекување нови инвестиции, изјави министерот Јанакиески.

Тој потсети дека  процедурите за добивање одобрение за градење се драстично олеснети и од почетокот на месецов се издаваат електронски.

На овој начин преку отуѓувањето на градежно земјиште по пат на електронско наддавање се овозможува дополнително промовирање на бизнис секторот и привлекување инвестиции кои водат кон нови работни мести и подобрување на економскиот развој, оцени Јанакиески.

На доделувањето на дозволите во просториите на општина Петровец присуствуваа претставници на уште неколку компани за кои е во постапка издавање одобрение за градење, а кои во тој индустриски комплекс ќе градат објекти наменети за лесна и незагадувачка индустрија, бензински пумпи, како и други деловно комерцијални објекти.