Македонија воведува Фејсбук инспекција

Создавање правен основ за спроведување на онлајн инспекциски надзор за заштита на личните податоци, најави денеска Дирекцијата за заштита на лични податоци (ДЗЛП), која со цел размена на искуства деновиве е домаќин на експертска мисија од Финска. ДЗЛП се очекува да биде првиот орган што ќе може да врши инспекциски надзор на далечина односно преку интернет.

 

Директорот на ДЗЛП Димитар Ѓеорѓиевски денеска на прес-конференција најави изменување и дополнување на легислативата за заштита на личните податоци во насока на креирање правен основ за спроведување на онлајн инспекции. Дополнително треба да се реши дали тоа ќе биде со измена на Законот за заштита на лични податоци или со во Правилникот за вршење на инспекциски надзор.

 

Експертската мисија, која ја предводи финскиот обдусман за заштита на лични податоци Арно Реијо, во земјата е на барање на ДЗЛП со поддршка од инструментот за претпристапна помош на Европската комисија TAIEX.

- Во изминатите три дена со финските претставници споделивме практични искуства за зголемување на ефикасноста во вршењето на инспекциски надзор на ДЗЛП. Дирекцијата ќе биде прв орган од инспекциски надзор која ќе може од далечина или онлајн да врши инспекциски надзор со што всушност правиме огромни заштеди, како во нашиот буџет, така во луѓе, во време и се разбира на тој начин ќе ја зголемиме нашата ефикасност и го кратиме времето времето на постапување кога граѓаните ќе се обратат до нас, изјави Ѓеорѓиевски.

Појасни дека инспекцијата ќе се врши преку интернет со дозволен пристап да се влезе во системот на одреден контролор, со пристап до она што е објавено на неговиот веб-страна, политика на приватност и слично.

- Политиката на приватност е задолжителен документ што секој треба да го поседува и објави јавно штом работи со обработка на лични податоци, без разлика дали контролорот е постиран на интернет, како веб, како блог и како друга содржина, или е весник, медиум или е во друга област. Македонија е целосно услогласена со прописите за заштита на лични податоци, во делот на имплементација бројките ни покажуваат нагорна линија во поглед на добивање на преставки и барања за заштита на лични податоци и приватноста од граѓаните, изјави Ѓеорѓиевски.

Оваа година до ДЗЛП се пристигнати околу 400 претставки за повреда на личните податоци, што речиси ја достигнува бројката од 404 претставки што пристигнаа минатата година. Лани две третини од овие претставки биле за повреди на личните податоци на социјалните мрежи. – Граѓаните најмногу се жалат најмногу за хакирање профили, на злоупотреба на Фејсбук, Твитер, за објавување на недолични содржини на нивните профили, вели Ѓеорѓиевски.

Онлајн инспекцијата ќе помогне и за следењето на ваквите злоупотреби. – Оваа алатка веќе има примена како Финска, така и во Франција. Зголемувањето и поттикнувањето на е-бизнис, електронска трговија, отворањето на електронски продавници, заложбите пред се на Владата за е-Влада и користење на услугите на државните институции по електронски пат се за нас доволна основа да направиме напор и да се приклучиме кон овие современи трендови, но истовреме да ја зголемиме и нашата ефикасност, изјави Ѓеорѓиевски.

Искуствата на финските колеги, рече тој, се добредојдени имајќи ја предвид и новата регулатива за заштита на лични податоци што е пред усвојување во Брисел.

Финскиот омбудсман за заштита на лични податоци Реијо истакна дека за воведување на онлајн инспекциите потребна е соодветна правна рамка, која ќе ги предвидува овие надлежности.

- Според Европската конвенција за човекови права и Повелбата за човекови права на ЕУ, независно тело за супервизија е одговорно да ја контролира обработката на лични податоци. Во овие три дена разговаравме со македонските колег за сите стратешки аспекти, но и оперативни и технички предуслови како може да се споведуваат поефективно онлајн инспекциите, вели финскиот експерт.

 

Неговиот генерален впечаток од неговиот престој овде е дека Македонија за неколку години ќе биде лидер број еден на ваквиот ефективен начин на спроведување инспекции и заштита на правата и личните податоци на граѓаните.

26.09.2014 - 15:58

 


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега