Пиво и мезе за само еден долар - странските туристи уживаат во Македонија

Пиво или мезе, ова може странските туристи да добијат за еден долар во Македонија, пишува светскиот портал за евтини патувања www.hostelworld.com, кој состави листа со препораки за тоа што може да се добие за оваа цена во секоја европска земја.

На врвот од оваа листа е Норвешка, каде што поради високиот животен стандард и скапотијата, за една американска зелена банкнота може да се добие апсолутно ништо, а во Финска за овие пари може само да се посети јавен тоалет.

- За да уживате подолго на патувањето, за вас пронајдовме најмалку по една работа што може да ја купите во секоја европска земја за само еден долар. За да го оствариме тоа, ги замоливме нашите фејсбук-пријатели да ни предложат нешто карактеристично за својата земја, се вели во текстот на порталот, пренесе Дневник.

Kај нашите северни соседи за еден долар може да се испазари 1 килограм свежи праски, а во Бугарија баничка и чаша боза. Туристите во Албанија може да избираат помеѓу шише пиво, чаша вино, сок во бар или еден килограм домати на пазар. Во Грција еден долар чини чашка од традиционалниот алкохолен пијалак „рецина“, во Турција парче баклава, а во Хрватска може да се почестите со сладолед во чашка.

-Меѓу поскапите земји се и Швајцарија, каде што за еден долар може да пробате многу мало парче од прочуеното швајцарско сирење, и Белгија, каде што ќе купите само една гума за џвакање. Во Шведска еден долар ќе ве чини сладолед на стапче. Во Португалија и Италија туристите можат да се напијат по едно еспресо. Во Шпанија може да се земе едно пинчо - традиционален појадок, особено популарен на север и во Баскија и содржи лепче прелиено со секаков зеленчук, месо и сос, пренесе Дневник.

Од пијалаци, во барови и во ресторанти, за еден долар може да се добие едно пиво во Босна и Херцеговина, Словенија, Словачка, Унгарија и во Чешка, каде што за овие пари во супермаркет може да се купат три пива. Во Луксембург за истата сума може да се купи еден литар и половина минерална вода. Предлогот за Белорусија е литар бензин, а за Естонија 1 километар со такси.

08.10.2014 - 09:33


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега