Активности за заштита на црквата „Св. Богородица Заумска“ во Трпејца

Министерството за култура соопшти дека е во тек изработка на елаборат за ревалоризација на споменичната целина на манастирскиот комплекс „Свети Богородица Заумска“, како и изработка на проекти за заштитно-конзерваторски основи, активности предвидени со Програмата за заштита на културното наследство на Министерството за култура.

- Стручните служби на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид по реализацијата на овие проекти, ќе отпочнат со целосно завршување на конзерваторските работи на ова значајно споменично добро кое е споменик на културата од средината на 14 век. Со оглед на статусот на објектот, проектите кои се однесуваат на неговата непосредна заштита се вклучени во Програмата на Владата на Република Македонија и се реализираат етапно, во согласност со годишните програми за финансирање на проекти од национален интерес во културата на Министерството за култура, информира Министерството за култура. 

Од 2009 година до 2013 година во континуитет се реализирани повеќе фази од областа на непосредната заштита кои се однесуваат на делови од живописот во куполата, северниот свод, северната и горна зона, западниот и јужниот вертикален ѕид, како и долните партии од олтарниот простор. 

Црквата „Св. Богородица Заумска“ се наоѓа на 20 километри од Охрид, во подножјето на планината Галичица, на брегот на езерото, во месноста Заум (Захум), спроти рибарското село Трпејца.

- Поради конфигурацијата на теренот, пристапот до објектот е возможен единствено по воден пат. Според зачуваниот натпис, црквата е подигната и насликана во 1361 година од ќесарот Гргур за време на епископот Григориј, кој спаѓал меѓу највлијателните големодостојници на Охридската архиепископија кон средината на 14 век. Архитектонската изведба на црквата се вклопува во целосна хармонија со природниот амбиент, додека фреско-ансамблот претставува уникатно дело во уметнички и во иконографски поглед, соопшти Министерството за култура.

20.10.2014 - 12:34


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега