Теодоракис: Голем проблем е што многу земји ја признаваат Македонија под уставното име

Има земји членки на ОЕЦД кои ја признаваат земјата како Македонија. Тоа е голем проблем и ние пропуштивме огромна можност, изјави лидерот на грчката партија Потами, Ставрос Теодоракис.

Теодоракис, чија партија е трета политичка сила во Грција, учествуваше на настан во Серес, на кој од него беше побарано да го коментира тоа што „Скопје го употребува името Македонија“. Потсетувајќи дека многу земји од светот Македонија ја признаваат под уставното име, Теодоракис додаде дека географска одредница, а не друга, е храбар политички потег и оти треба да се изврши притисок Скопје да го прифати името „Северна Македонија“.

- Истиот проблем утре може да го имаме со други области, решението не е да ги затвориме очите. Грција е во центарот на Балканот, Македонија е тука, и тука постојат и археолошки наоѓалишта, и има некои области кои се во други држави. Немаме никаква грижа на совест бидејќи ние сме силни, додаде лидерот на Потами, истакнувајќи дека „од друга страна однесувањето на официјална Атина ја доведе земјата во овој ќор-сокак“.

- Вооружени со Европската унија, вооружени со нашето членство во НАТО, би требало да ги притиснеме малите земји да прифатат постоење на една држава без која нема да направат никаков чекор кон Европската унија и кон НАТО, рече теодоракис.

Членот на Потами, Никос Диму, уште во март годинава исто така рече дека грчките влади досега погрешно раководеле со прашањето за името, и оти тоа е прашање кое Грција веќе го загубила. Во гостување на телевизијата Скај, Диму рече дека поддржува решение врз основа на сложено име со географска одредница, но додаде дека се согласува оти Македонија може да се нарекува како што сака, „па и Македонија“.

По оваа негова изјава МИА побара коментар од него, со кој подетално би го објаснил ставот. Иако прво се согласи да одговори на неколку прашања, откако му беа испратени, Диму го смени мислењето и рече дека „не е во ред да кажува лично мислење, сега кога веќе е член на политичка партија“.

Прашањето за името на нашата земја е честа тема на дискусија кај помалите политички партии во Грција. Во недостиг на амбициозни економски програми тие поттикнуваат националистички чувства, надевајќи се дека ќе привлечат што повеќе симпатизери. 

20.10.2014 - 13:00


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега