Поволностите во туристичките зони претставени во Албанија

 

Субвенционирањето на странскиот организиран туристички промет и на авиолетовите на нискобуџетните компании се покажаа како добри мерки, па бројот на странските туристи во Македонија изминативе осум години е зголемен за 98 отсто, а вкупниот број туристи забележува раст од 40 отсто, истакна министерот за економија Беким Незири денеска во Тирана, каде учествува на министерската тркалезна маса на тема „Улогата на владите во менаџирањето на сезонскиот туризам“, во рамки на Меѓународната конференција „Управување на туристичката сезона“.

Овој настан е заеднички организиран од страна на Министерството за урбан развој и туризам на Република Албанија и Светската туристичка организација (UNWTO).

Незири во своето обраќање посочи дека во последните три години во Македонија има просечно зголемување на бројот на вкупните посетители од 5 отсто, додека само лани има зголемување од 5,8 отсто, а бројот на странските туристи е зголемен за 13,8 проценти.

- Она што е особено важно да се потенцира е што минатата година првпат бројот на туристи ја надмина бројката од 700.000, која беше и главна цел согласно Стратегијата за развој на туризмот, рече Незири.

Тој на конференцијата ги истакна и поволностите на планираните туристички развојни зони, со цел промоција и развој на туризмот и подобрување на квалитетот на услугите за сместување.

Незири појасни дека инвеститорите во туристичките зони ќе можат да очекуваат даночни олеснувања, како што е ослободувањето од ДДВ за градежни материјали за изградба на објектите, државна помош за вложувањата повисоки од 10 милиони евра, ослободување од персоналниот данок во наредните 10 години, како и помош за обука и усовршување на вработените, до 50 отсто од трошоците за општа и 25 проценти за професионална надоградба.

Генералниот секретар на UNWTO, Талеб Рифаи истакна дека сите земји во регионот се богати со историја и со култура. Сето тоа, нагласи, треба добро да се спакува, во една примамлива приказна, па туристите ќе ги имаме насекаде.

- Меѓународниот туризам постигна нов рекорд во 2013 година, со постигнатата бројка од една милијарда туристи на глобално ниво и со приходи од 1,4 трилиони долари, што исто така претставува нов рекорд. Нашата цел е во 2020 оваа бројка да достигне 1,8 милијарди туристи, а најдобар пример за раст на бројот на туристите е нашиот домаќин Албанија, кој во 2005 година имаше 620 илјади туристи, а во 2013 година оваа бројка се искачи на 2,4 милиони, додека годинава планираат да ја завршат со три милиони туристи, рече Рифаи.

Министерката за урбан развој и туризам на Албанија, Еглатина Ѓермени ја истакна важноста од меѓусебната соработка, како меѓу јавните институции и туристичките работници, така и меѓу земјите во еден регион.

- Туризмот не може да се развива само од една држава, од јавниот, а посебно од приватниот сектор, бидејќи процесот на глобализација налага да соработуваме и сите држави во регионот да ги промовираме нашите богатства во еден пакет. Ова е и праксата на ЕУ, кон чие зачленување се стремиме, а туризмот претставува нашата силна страна за сеопфатен развој и отворање нови работни места во речиси сите сегменти, нагласи Ѓермени. 

20.10.2014 - 15:44


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега