ФОТО: Кристијан Тасевски- нова македонска фолк ѕвезда

Во петокот се одржа втората по ред вечер на реномираниот фолк фестивал „Валандово“ на кој настапија многу познати ѕвезди од македонската фолк естрада, но она што најмногу го привлече вниманието на публиката е младиот пејач Кристијан Тасевски кој за прв пат се појавува на сцената со своја песна.

 

Тасевски на големата реновирана фестивалска сцена настапи со темата која го носи насловот „Срце вљубено“, зад која како автори се потпишуваат Милан Завков (музика и аранжман) и Елена Ѓорѓиева (текст). Неговиот неверојатен талент за пеење веднаш беше забележан од музичките експерти кои му доделија позитивни критики, но и од јавноста благодарение на која младиот пејач се пласираше во финалето на овој гламурозен фолк фестивал.

- „Подобра егзистенција има со фолк музика, плус со Екстра Бенд свириме и свадби и од таму ми дојде идеја и желба да настапам со фолк песна на реномираниот музички фестивал „Валандово“. Добив многу позитивни критики од моите поискусни колеги и сметам дека солидно ја донесов песната на сцената. Голема благодарност до тимот кој работи со мене, целата организација на фестивалот и секако публиката која ми ја даде својата поддршка. Очекувајте наскоро многу нов материјал од мене“, изјави младиот пејач Кристијан Тасевски по завршувањето на финалето.

Доказ дека младите македонски пејачи имаат енергија, желба и навистина умеат да ја негуваат нашата народна музика е токму новиот фолк пејач Кристијан Тасевски кој јавноста го запозна како дел од првата сезона на проектот „Сите наши песни“ за зачувување и афирмација на македонската забавна музика во реализација на Македонската Радио Телевизија.

Кристијан Тасевски е роден на 23 мај 1994 година во Скопје. Неговата музичка приказна започнува уште од мали нозе свирејќи хармоника. Подоцна го усовршува свирењето пијано, а пред две години започнува и активно да се занимава со соло пеење. Кристијан веќе година дена е дел од успешната приказна на бендот „Екстра Бенд Скопје“ кој се грижи за највеселите приватни забави и свечености низ нашата република. Средното образование го завршува во скопското музичко училиште „Илија Николовски - Луј“, а потоа продолжува на студии по отсек соло пеење во класата на Магистер професор Марија Муратовска на музичката академија во Скопје.

24.10.2014 - 12:13

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега