СДСМ: Заев не го плаќал Политико - ќе тужиме

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во целост ги демантира наводите во текстот на „Република“ превземен и од останатите владини медиуми.

Целосна лага се тврдењата дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев, финансира некој медиум. Ниту претседателот на СДСМ ниту пак некој од раководството на партијата финансира некој медиум во Република Македонија.

Измислица се и тврдењата дека причина за згаснувањето на споменатиот медиум е некакво повлекување на средства од страна на претседателот Заев.

Впрочем, СДСМ, со писмена реакција ги демантираше овие шпекулации уште на 19-ти октомври оваа година.

Спроведувањето на нарачките на власта, преку измислени конструкции во владините медиуми, само ја потврдува владината контрола за која сериозно забележува и Европската комисија.

Поврзувањето на претседателот на СДСМ со финансирање или згаснување на некој медиум е целосна невистина која му нанесува штета на угледот и честа на претседателот Зоран Заев.

Врз основа на погоре наведеното, согласно член 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, од „Република“ како и од останатите медиуми што го пренесоа спорниот текст, бараме извинување и јавно повлекување на објавените невистини.

Во смисла на став 2 и 3 од истиот член очекуваме јавно повлекување и извинување да биде објавено на исто место и во ист обем како и спорниот текст, најдоцна во рок од 48 часа.

Во спротивно ќе следува законска постапка.

(Интегрален текст од демант на СДСМ)

 

 

31.10.2014 - 14:48

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега