Македонија на саем за туризам во Англија
Aгенцијата за промоција и поддршка на туризмот ја промовира Македонија и македонскиот туристички производ на интернационалниот саем за туризам World Travel Market во Лондон, Англија, што се одржува од 3 до 6 ноември 2014 година.
Република Македонија првпат учествува на овој саем, а учеството е во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Република Македонија пред англиските туристи се претставува како привлечна дестинација за патување за кои дополнителна предност е и дирекната линија на Wizz Air, Скопје-Лондон (Luton), наведуваат од Агенцијата.
Во рамки на претставувањето, денеска беше организирна дегустација на македонска традиционална храна и вино, а директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, Кристијан Џамбазовски, оствари средби со Thomas Cook, претставници на ABTA (Британска асоцијација на тур оператори) и туристичките компании Global Travel Investment како и Europo-american investment corporation кои пројавија интерес за инвестиции во спа туризмот.
На македонскиот штанд учествуваат туристичките агенции Ториа, Визит Мацедониа, Македонија травел, Амбасадор Мак, Клинички центар, како и Асоцијацијата за дојдовен туризам кои на туристичките работници од Англија, Европа и светот им презентираат квалитетни понуди и атрактивни туристички производи од Македонија.
- Со ова саемско промовирање се прават напори да се отвори уште еден туристички пазар со цел зголемување на бројот на странските туристи во Македонија која е промовирана и во каталогот на WTM, како и онлајн промоција на официјалната страна на саемот, информираат од Агенцијата.
Светската туристичка берза WTM годинава се организира по 35-ти пат и е форум за презентација на 186 земји/региони со приближно 698 штандови и 4,903 излагачи/компании од областа на туризмот. Учествуваат и рекорден број трговски професионалци (околу 22,100) како и 8,544 купувачи и 2,888 новинари. Македонија се претставува првпат.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа