Здрава бременост – Facebook страна од Министерството за здравство за медицински консултации и совети
Министерството за здравство креираше Facebook страна со наслов: Здрава бременост, која од вчера е активирана на оваа социјална мрежа и истата е наменета за стручни совети и консултации за бременоста.
Почнувајќи од денес, по еден доктор-гинеколог на дневна основа ќе одговара на прашањата кои биле поставени во текот на денот и ќе споделува стручни совети и мислења со идните родители.
Денеска во периодот после 19 часот, на сите прашања кои дотогаш ќе бидат поставени на социјалната мрежа, ќе одговори д-р Марија Хаџи Лега, директор на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство. Во наредните денови, на поставените прашања ќе одговараат и следните доктори: д-р Весна Ливринова, д-р Горан Кочоски, д-р Ана Данева, д-р Иво Ќаев, д-р Роса Спасова, д-р Катерина Маџункова, д-р Ирена Тодоровска, д-р Корнелија Трајкова, д-р Миле Тантуровски, д-р Арта Бина и д-р Габриела Бушиновска.
Прашањата се поставуваат во коментар или во приватна порака на Facebook страната, а одговорот се добива во приватна порака. Одговорите на најчесто поставуваните прашања ќе бидат и јавно споделени (анонимизирано, без објавување на лицето што го поставило прашањето), со цел информирање на пошироката јавност.
Со ваквиот начин на комуникација овозможуваме директно и непосредно споделување на стручни медицински совети со идните родители, со цел заштита на здравјето на мајката и детето.
Меѓу првите совети споделени на оваа Facebook страна е советот за правилно и потполно пополнување на Мајчината книшка, која бремената жена ја носи со себе на прегледите и во која редовно треба да се впишуваат наодите од сите гинеколошки прегледи. Правилно и потполно пополнетата Мајчина книшка помага за навремено откривање на неправилности во текот на бременоста, а воедно овозможува дежурниот доктор во родилиштето да ги добие сите потребни информации за дотогашниот тек на бременоста.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа