Достоинство останува со СДСМ - Заев бил изваден од контекст

Поттикнати од мноштвото коментари но и од извлекувањето од контекст на изјавите на претседателот на СДСМ Зоран Заев, ги повторуваме ставовите на “Достоинство“ во врска со правата на “ветераните“ од ОНА, Струга, Кичево и т.н. закон за бранители

Ние, македонските бранителите од “Достоинство“, никогаш нема да дозволиме вооружените екстремисти од ОНА кои се кренаа против македонскиот народ, вооружени екстремисти кои се бореа против единствената држава на Македонците, екстремисти кои се обидоа да отцепат дел од нашата, македонска територија, екстремисти кои убиваа македонски војници и полицајци... Ние, македонските бранители, нема да дозволиме албанските вооружени екстремисти да добијат било какви права од нашата држава, држава која ја нападнаа во 2001-та, и со тоа да бидат изедначени со нас, припадниците на регуларните македонски безбедносни сили, со нас бранителите кои ја браневме македонската држава, го браневме македонскиот народ, ве браневме и вас и вашите деца. 

Токму затоа едно од прашањата од нашата референдумска иницијатива гласи: “Дали сте за или против припадниците на ОНА, кои учествувале во конфликтот во Република Македонија во 2001 година, да добијат посебни права утврдени со закон?“

Ставот на “Достоинство“ во врска со Струга и Кичево е исто така јасен и недвосмислен. Со неколку погрешни политички потези вештачки е променета етничката структура на населението во овие две општини и тоа во полза на Албанците, поради што Албанците денес се во мнозинство во овие општини и одлучуваат кој ќе биде градоначалник. Единствен начин кој ќе овозможи трајно решение, на овој, за нас Македонците проблем од огромно национално значење, е враќањето на овие општини во старите, природни граници. Затоа, првото прашање од нашата референдумска иницијатива гласи: “Дали сте за или против Законот за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија“, (донесен во 2004 година), убедени дека македонските граѓаните во мнозинство ќе гласаат против овој закон после што општините Струга и Кичево ќе се вратат во своите стари, природни етнички граници.

Лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ во поглед на Струга и Кичево е лесно видливо и повеќекратно. Како прво, во овие 7 години додека се на власт, не направија ништо за да ги вратат овие општини во старите граници иако тоа можеа да го направат без никаков посериозен проблем. Како второ, не ни дозволуваат нам од “Достоинство“ да ја продолжиме референдумската иницијатива со која ние, со подршка на целиот македонски народ, ќе ја стопираме оваа национална катастрофа. Како трето, беа тотално неискрени со предизборната коалиција бидејки членови на ВМРО-ДПМНЕ гласаа за кандидатот на ДУИ, поранешен припадник на УЧК. Или, наместо во општина Центар, можеа гласачите од Пустец да ги пренасочат во Кичево и Струга.

За жал, владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку претседателот на собранието Трајко Вељановски, спротивно на Уставот, Законот за референдум и собранискиот деловник не ни дозволува да ја продолжиме нашата референдумска иницијатива, правдајки се притоа со неуставниот член 28 од Законот за референдум кој спротивно на Уставот забранува организирање на референдум за прашања поврзани со амнестија и закони донесени со бадентерово мнозинство.

На потег е Уставниот суд до кого поднесовме иницијатива за преиспитување на уставноста на овој член.

Затоа и во оваа прилика апелирам до сите членови на уставниот суд, итно, без одлагање, да ја разгледаат нашата иницијатива и да го укинат овој неуставен член за да можеме да започнеме со собирање на 150.000 потписи за распишување на референдум, референдум на кој сите граѓани на Република Македонија, без разлика на етничката или верска припадност, ќе можат да се изјаснат дали се за или против планските активности на албанските екстремисти.

Останати две прашања од нашата референдумска иницијатива:

Дали сте за или против автентичното толкување на членот 1 од Законот за амнестија со кое се ослободуваат од гонење, се запираат кривичните постапки и потполно се ослободуваат од извршувањето на казната затвор извршители на воени злосторства против цивили во конфликтот од 2001 година? 

Дали сте за или против припадниците на ОНА, кои учествувале во конфликтот во Република Македонија во 2001 година, да вршат јавни функции во Република Македонија? (како што е примерот со Талат Џафери, Фатмир Дехари, м.з.)

П.С. Дали некој воопшто се сеќава на законот за бранители кој во август минатата година го предложија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ??? Што стана со него??? Зошто сеуште не е донесен???

(Интегрален текст превземен од facebook профилот на Стојанче Ангелов, лидер на Достоинство)

најчитано сега