Опозицијата бега од медиумите

Опозициските функционери бегаат од медиумите. Доколку не можат да ги контролираат новинарските прашања, функционерите на СДСМ и останатите партии сателити, не прифаќаат да гостуваат во емисии во живо ниту пак да дадат пишано интервју, кое се објавува по нивната авторизација.
Press24 во неколку наврати се обиде да добие интервју од функционерите на СДСМ и коалицијата. Со исклучок на Оливер Спасовски кој неодамна се охрабри да зборува за Press24 останатите функционери молчат.
Тито Петковски уште во јуни годинава првично се согласи да даде интервју за Press24. Кога нашите новинари му ги испратија прашњата, тој ги прими и никогаш не ги одговори.
Слична беше и ситуацијата со Андреј Жерновски. Ги доби прашањата и никогаш не ни ги одговори. Одговорите ги чекаме уште од денот по изборите во 2013 година. И двајцата функционери по добивањето на прашањата веќе не одговараа на нашите телефонски повици и СМС пораки. Дали не им се допаднаа прашањата или пак станува збор за стратегија на „Центарот за комуникации“ на Бихаќка нема информации. Редакцијата првично мислеше да ги објави неодговорените прашања, но со намера да го задржиме коректниот однос со сите политички функционери се откажавме од тој чекор. 
На списокот опозиционери кои одбиле интервју за Press24 се и Рената Десковска, Радмила Шеќеринска, Каролина Ристова Астеруд и уште многу други. 
Лидерот на СДСМ Зоран Заев воопшто не прифати да одговори на нашите прашања и да се најде меѓу оние над 150 луѓе кои имале свое интервју во нашиот медиум. Но ние не се откажавме. Нова понуда за интервју до Заев упативме пред две недели и таа се уште стои отворена и се чека одговор од неговиот ПР тим, кој искажа резерва околу можноста за интервју, но не ја отфрли децидно.

Сличен проблем имаат и останатите медиуми. Поратлот Република пишува дека константно наидува на затворена врата на Бихаќка. Слични информации објави вчера и Сител од каде велат дека со години имаат отворена покана за лидерот Заев но тој не се појавува во телевизијата. Слична е ситуацијата и со останатите функционери на СДСМ.
Интересно е што наспроти ова, опозиционерите константно се жалат дека немаат простор во медиумте. Тие замеруваат дека не им се пренесуваат прес конеференциите на кои во строго контролирана средина одговараат на нарачани новинарски прашања од медиумите што се финансираат од СОРОС.

Од друга страна, сите оние кои ќе се појават со свој став во некои од медиумите кои не ги контролира опозицијата се подложени на вистински линч на социјалните мрежи и во партиските кругови. Последен е примерот со Солза Грчева и Ивон Величковски кои по гостувањето на Сител беа предмет на недолични напади од своите поранешни сопартијци и поддржувачи на опозицијата. 
Под силен притисок се и новинарите кои не известуваат во корист на СДСМ. Тоа најдобро на своја кожа го почувствува новинарката на 24 Всти Душица Мрѓа, која беше предмет на напади на актуелните и поранешните пратеници на СДСМ поради тоа што објави информација која ја добија повеќе новинари, но опозиционерите се почувствуваа погодени бидејќи нејзината телевизија ја чувствуваа како „своја“.

Експертите за односи со јавноста сметаат дека таквото однесување на опозицијата и носи сериозни штети. Аналитичарот Петар Арсовски, кој порано беше еден од главните ПР стратези на СДСМ во минатонеделното гостување на ТВ Сител рече дека политичките функционери не смеат да си дозволуваа да пропуштат гостување во медиумите без разлика со какви новинарски прашања ќе се соочат. Според него, секое бегство од медиумите е голем минус за една политичка партија. 

Официјалните резултати и статистики велат дека токму медиумите од кои бега СДСМ се најпопуларни кај македонската јавност и токму од нив, граѓаните најмногу се информираат. Телевизијата Сител со години е неприкосновен на а врвот меѓу традиционалните медиуми со повеќе од двојно повисок рејтинг од сите останати телевизии заедно. 

Меѓу порталите Press24 исто така е на врвот веќе подолг период и преку него секој месец се информираат скоро 30% од корисниците на интернет во Македонија. 

А.С.

11.11.2014 - 13:53

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега