Млади дебарчани краделе се што им дошло при рака

Поради постоење основано сомневање за сторени вкупно 10 казнени дела од кои девет „тешки кражби“ и една „кражба“, Секторот за внатрешни работи Охрид, поднесе кривична пријава против А.М.(20) и Е.К.(18), двајцата од Дебар. Со кражбите тие се стекнале со противправна имотна корист од околу 150.000 денари.

Се работи за лица кои по претходен договор, во текот на минатиот месец во повеќе наврати доаѓале од Дебар во Охрид со намера да ги извршат кражбите. Тие одземале златен накит, пари, лап топ компјутери, мобилни телефони, протеински препарати, колонијални производи, фен, радио касетофон и други предмети со што нелегално си заработиле 150.000 денари.

Пријавените, кражбите ги извршиле со употреба на шипки, алати и физичка сила. Тие влегувале во бурекџилници, пицерии, сендвичари, фризерски салони и станови во Охрид како и во една продавница во селото Волино. Таму го скршиле катинарот од магацинскиот простор и одзеле поголема количина колонијани производи. Пријавените од стан во Охрид, одзеле 200 евра, една златна бурма и повеќе машки и женски златни предмети откако усепале да го пронајдат клучот од станот оставен под килимчето пред влезната врата.

Исто така во една прилика откако забележале патничко моторно возило марка „Сузуки“ паркирано во куќен двор и незаклучено А.М. и Е.К. незабележани влегле во возилото и одзеле еден радиокасетофон.

Пријавените се лица познати на службата против кои досега биле поднесувани пријави за слични казнени дела. Шипките кои тие ги донеле од Дебар и ги употребувале при извршувањето на кражбите, ги сокриле под дрва во дворот на средното угостителско училиште во Охрид.