Меџити: ВРЕДИ досега никогаш не бил поунифициран, кај Европскиот фронт има превирања
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина, Изет Меџити денеска во изјава за медиумите истакна дека ВРЕДИ досега никогаш не бил поунифициран.
-ВЛЕН беше и пред две години, ВЛЕН и пред година дена и сега настапуваме како ВЛЕН. Се помалку се спомнуваат чинителите или субјектите внатре во ВЛЕН. ВЛЕН никогаш досега не бил поунифициран. Освен тоа, ние излеговме и надвор од ВЛЕН, каде што ќе процениме дека има кандидати за градоначалници, за советници, за носители на листи и сметаме дека се најдобри за таа општина, како што е случајот со Арачиново со младиот Даут кој до денеска немаше партиски дрес но силно е поддржан од ВЛЕН, бидејќи мислиме дека е најдобар за Арачиново, како што е и Менди Ќира за Струга, рече Меџити на новинарско прашање по увидот во работите за завршување на последниот дел од каналот во Арачиново.
Одговарајќи на новинарско прашање, Меџити нагласи дека токму кај опозицискиот Европски фронт има превирања и оти секој ден некој од партнерите излегува од нивната коалиција.
-Во однос на другите, тие имаат превирања бидејќи и имињата ги менуваат често, еднаш беа Европски фронт, па Национален фронт, па денеска нешто слушам АКИ (Национална алијанса за интеграција). Мислам дека луѓето веќе нема ниту да ги препознаваат. И плус таму се заедно некои што во минатото жестоко се војувало и со последици за граѓаните. Не е лесно да се спојат тие два електорати. Исто така, евидентно е дека секој ден некој излегува од таму, како што излезе Турската демократска партија која беше сериозен чинител во таа коалиција, излезе и Тачи. Да видиме деновиве како ќе им оди со другите, рече тој.
Во однос повиците од опозициските партии да ја напуштат Владата, Меџити потенцира дека тие немаат морално право да зборуваат за оставки и етнички политики, бидејќи вели, во минатото кога имало жртви, судири, и кога, вели, некои ден-денеска лежат по затвори од тие политики, тие ниту тогаш ниту сега не понеле одговорност, ниту дале оставка.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа