Ердоган : Турција без промена на позицијата против ИД

 

 

Турција нема да ја промени сегашната позиција за пристапување кон меѓународната коалиција против ИД, додека меѓународната заедница не се насочи и против режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и не воспостави безбедносни зони и забрана за летови над територијата на Сирија, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, пренесува весникот „Хуриет дејли њуз“. 

- Меѓународната заедница не ги презема мерките, што ги препорачуваме. Има само некои сигнали и можности. Позицијата на Турција ќе продолжи да биде иста, се додека нашите препораки не бидат исполнети, изјави Ердоган пред да замине во посета на Алжир. 

Турција бара предводената од САД меѓународна коалиција против џихадистите на организацијата Исламска држава да има за цел и соборување на режимот на Башар ал Асад и преземање на воени мерки за исполнување на таа цел. Создавање на безбедносни зони во Сирија и забрана за летови над територијата на Сирија, исто така се дел од условите, што Турција ги постави за активно вклучување во коалицијата. 

Вашингтон, бара отворање на некои турски воени бази за воздушната кампања на коалицијата, но засега единствен договор меѓу Турција и САД е за обука на умерени групи на сириската опозиција. 

Американска воена делегација минатата недела беше во дводневна посета на Анкара за деталите околу мисијата за обука и опремување на сириски бунтовници, но според Ердоган има нејаснотии по прашањето кога тоа ќе може да почне. Ова ќе биде една од темите на разговор, кога американскиот генерал во резерва Џон Ален, одговорен за коориднација на мисијата против џихадистите од ИД, ќе се сретне денеска со турски воени претставници во Анкара.

 

 

Оцени ја веста

19.11.2014 - 15:48

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега