Струен удар од 150 милиони евра ја “тресе“ владата во Тирана

Повеќе од 100.000 луѓе учествувале на протестите во Тирана деновиве што биле организирани од опозицијата, тврдат за „Дневник“ дипломатски извори коментирајќи дека е тоа јасен и силен знак дека незадоволството од владеењето на премиерот Еди Рама постојано расте. Земјата е во фаза на усвојување на новиот буџет, кој е жестокото критикуван од опозициските демократи на Љуљзим Баша, кои од јуни го бојкотираат парламентот, но се погласно е и незадоволството на народот зашто се најавуваат зголемувања на даноците и покачување на цената на струјата за приближно 40 проценти, едно од најболните прашања за обичните граѓани.

 

- Долгот на граѓаните кон државата на име електрична енергија достигнал фантастични 150 милиони евра. Токму неплаќањето струја беше една од причините чешката компанија за дистрибуција на електрична енергија ЧЕЗ да си замине од Албанија, прашање што беше едно од одредниците што го постави Брисел за Тирана, додава за „Дневник“ дипломатскиот извор.

 

Меѓутоа, проблемот со неплаќањето на струјата не е изразен на целата територија на државата, односно има региони што редовно си ги намируваат месечните сметки за струја.

- Ние редовно плаќаме за струја, меѓутоа во регионите околу Тирана или таму каде што има хидроцентрали, населението одбива да плаќа. Тие велат дека хидроцентралите одамна се исплатени и сега нема потреба да плаќаат за струја зашто веќе за неа платиле. Тој проблем трае со години, а населението продолжува по старо. Ние во Мала Преспа редовно си плаќаме, во спротивно ќе ни ја исклучат струјата, изјави за весникот Ефтим Митревски, член на македонската партија, инаку жител на селото Глобочани во Пустец.

Премиерот од редовите на социјалистите, Еди Рама, сега се наоѓа во деликатна ситуација - треба да ги спроведува тешките реформи кои му ги побара Европската Унија, меѓутоа тие удираат по џебот на граѓаните, а во исто време е соочен со голем буџетски дефицит. Врв на проблемите е што опозициските демократи одбиваат да влезат во Собранието по тепањето на еден пратеник од нивните редови.

Соочен со големиот буџетски дефицит и со јавниот долг, Рама реши да позајми од ММФ 330,9 милиони евра, а во исто време да почне битка со криминалот. Но таквата тактика очигледно не поминува кај граѓаните.

- Дојдов да протестирам против невработеноста, повисоките даноци и покачувањето на цената на струјата. Секаде во светот е потребно време за да се постигнат извесни стандарди, а тие сакаат тоа да го направат за две години, вели Елтон Лика, невработен правник, за „Ројтерс“.

Големите протести поминаа и во една невообичаена симболика - во исто време Рама со дипломатскиот кор го отвораше новиот музеј, некогашниот нуклеарен бункер на диктаторот Енвер Хоџа. На ова Баша реагира со потсмев - тој се скри во бункерот за да не се соочи со народот. Меѓутоа, Рама испрати порака до народот на модерен начин, преку „Фејсбук“ - крадењето струја е нелегално и мора да запре.

Меѓутоа, не е само крадењето струја проблем. Лидерот на опозицијата пред премиерот достави социјален пакет од четири точки, меѓу кои е и болното прашање со дивоградбите, кои Рама почнува да ги урива сакајќи да покаже дека Албанија е правна држава. Нешто слично тој спроведуваше и како градоначалник на Тирана, со што и се прослави, но сега нема одобрување од народот.

- Населението реагира зашто наместо да се урива, треба да им се даде шанси објектите да ги легализираат. Нешто слично како што тоа го прави Македонија и тоа е пораката што му се упатува на премиерот - вели дипломатскиот извор.

 

Целиот текст прочитајте го на Дневник

 

 

Оцени ја веста

01.12.2014 - 13:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега