За „останати трошоци“ на Паркинзи општина Центар 30 милиони денари

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ денес не дозволија претседавачот на Совет на Центар, Мирослав Шиповиќ, да ја “протне“ како вонредна точката за Програма за работа на Паркинзи на општина Центар.

Тие сметаат дека на овој начин, незаконски би се донел буџетот на ПОЦ бидејќи нема оправданост за вонредна седница.

Советникот Илија Илијовски уште во средата, на минатата седница, објасни дека со ваквата одлука се крши статутот и деловникот кој предвидува дека “вонредна седница се свикува за решавања на прашања за безбедноста на граѓаните на Центар и за вонредни околности“. Тогаш, Шиповиќ ја прекина седницата  и ја презакажа за денес, што ја стави под прашалник потребата вонредно и итно да се свикува ваква седница.

Илијовски побара оваа точка да се разгледа низ редовна процедура бидејќи за неа ниту една Комисија не била свикана и дека нема оправдување.

Советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Трпески исто така обвини дека со ваквата одлука се прекршува статутот.

-Ако не ја усвоиме програмата за работа на ПОЦ денес, ниту ќе се загрози безбедноста на граѓаните на Центар, ниту пак оваа состојба е вонредна. Само во такви случаи кога безбедноста е загрозена, а состојбата вонредна, треба да се свика вонредна седница. Оваа точка мора да оди по редовна постапка. А неа, ниту Комисијата за финансии ја нема разгледано, рече Трпески.

Со 11 гласа ЗА од СДСМ и 10 гласа ПРОТИВ од ВМРО-ДПМНЕ, дневниот ред сепак беше усвоен.

По ова, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Центар ја напушти салата за Седници и одби да учествува во гласањето.

Пред овој чекор, тие објаснија дека не гласаат одлука против ПОЦ, што е докажано на минатите седници кога тие гласаа ЗА буџетите и на Паркинзи и на цела општина.

Советниците на СДСМ сами гласаа ЗА и ја усвоија програмата за работа на ПОЦ за 2015-та година.

Што беше спорно за советниците од ВМРО-ДПМНЕ?

По завршувањето на седницата, Курир побара одговор од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Центар.

-На денешната седница на Советот на општина Центар од страна на Претседателот на Советот и мнозинството на СДСМ, беа направени груби прекршувања на Статутот на општината. Имено спротивно на член 30 од статутот беше свикана и одржана 4-та Вонредна седница на Советот. Не постојат никакви основи за свикување на вакава седница, нема никаква оправданост за истата. Согласно Статутот само доколку има вонредна околност или други околности поврзани со безбедноста на граѓаните, може да се свика вонредна седница на Советот. Очегледно вонредна околност за СДСМ е најавеното отсуство на Претседателот на Советот во период од еден месец и можноста нелегитимните, противзаконски и крајно штетни предлози на градоначалникот Жерновски, детално да се анализираат од страна на советниците. Исто така оваа вонредна седница никаква оправданост нема и од гледна точка на тоа што како точка на дневен ред беше поставена програма за работа и финансискиот план за 2015 година на ЈП Паркинзи на општина Центар, во кој се огледаат низа неправилности кои Градоначалникот сака да ги помине само затоа што сега има мнозинство во Советот. Спротивно на Статутот и Деловникот за работа на Советот, ниту една од надлежните комисии на Советот претходно не одржа седница по однос на поставеното прашање. Денешната седница е класичен пример за злоупотреба на мнозинството од страна на СДСМ кое ги има во Советот на општина Центар, образложија за Курир советниците на ВМРО-ДПМНЕ.

Дополнително, она што јавноста треба да го знае е фактот што градоначалникот Жерновски и советниците на СДСМ, на овој начин сакаа без расправа да го поминат буџетот на ПОЦ каде само за таканаречени “останати трошоци“, имаат предвидено скоро 30 милиони денари.

 

 

Оцени ја веста

12.12.2014 - 22:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега