Во повеќе општини низ Македонија во вторник нема да се штрајкува

Градоначалници и претставници на повеќе локални самоуправи денеска соопштија дека второто полугодие од учебната 2014/2015 година во нивните основни и средни училишта ќе почне без одложување на 20 јануари.

Градоначалниците на  Битола, Свети Николе, Кочани, Крушево, Македонски Брод, Дебрца, Босилово, Демир Хисар... на средби со директори на училиштата биле информирани дека нема да биде поддржан најавениот штрајк на СОНК и оти наставата во второто полугодие ќе почне во вторник, по завршувањето на зимскиот распуст. 

Дванаесет основни и седум средни училишта чиј основач е општина Битола подготвени ќе го почнат второто полугодие од учебната 2014-2015 година.

На денешната средба со директорите на училиштата, но и детските градинки во Битола, градоначалникот Владимир Талески беше информиран дека наставниот кадар подготвено го дочекува стартот на второто полугодие со сите човечки и материјални ресурси.

- Во вторник, на 20 јануари, продолжува наставата од второто полугодие во сите општински основни и средни училишта. Сите се подготвени за непречен воспитно образовен процес, а подготвени се и детските градинки кои ќе ги згрижуваат децата. Затоа ги повикувам сите ученици да продолжат на настава, истакна Талески по денешната средба со директорите на 12 основни, 7 средни училишта и двете централни установи детски градинки кои имаат поголем број одделенија во општината во кои се обезбедуваат услуги со дневен престој и образовна поддршка.

И градоначалникот на Свети Николе Зоран Тасев информира дека во вторник нема да има штрајк во трите основни училишта „Гоце Делчев“, „Кирил и Методиј“ и „Даме Груев“, градинката „Рахилка Гонева“ и средното општинско училиште „Кочо Рацин“ во општина Свети Николе.

- По остварените разговори со директорите на основните и средното училиште и детската градинка, заеднички е утврден ставот дека училиштата од нашата општина се подготвени за второто полугодие и поради заеднички интересен и на децата и на наставниците наставата ќе се одвива редовно, вели Тасев.

Од страна на образовните институции на општина Свети Николе и од ниту една друга институција, додава тој, нема најава за организирање и поддржување на штрајк.

Во општина Кочани петте основни училишта заедно со подрачните и двете средни училишта во вторник редовно ќе ја започнат наставата од второто полугодие. Училиштата се снабдени со нафта и други горива за успешно одвивање на зимската грејна сезона, а во меѓувреме се подмирени и обврските за останатите комунални услуги и превоз на учениците.
 
Ова е заклучокот од средбата на градоначаникот на Кочани Ратко Димитровски со директорите на училиштата и детската градинка „Павлина Велјанова“.
 
- На средбата со директорите беше истакнато дека се создадени услови за нормален почеток на наставата од второто полугодие. Најавениот штрајк на СОНК во кочанските основни и средни училишта за вработените наставници и професори е неприфатлив. Во излагањата директорите беа едногласни дека штрајк во образованието не е потребен во овој момент и дека вработените од образованието не го прифаќаат, изјави градоначалникот Димитровски.
 
Исто така, наставата од второто полугодие во двете основни и во гимназијата во Крушево ќе почне редовно на 20 јануари, изјави денеска градоначалникот на Крушево Ѓорѓи Дамчески, по одржаниот координативен состанок со директорите на образовните и на културните институции во градот.
 
-  Во двете основни училишта „Никола Карев“ и „Кирил и Методиј“ и во гимназијата „Наум Наумоски Борче“ се е подготвено за почетокот на второто полугодие во вторник на 20 февруари. Обезбедени се сите услови, а на состанокот на основните организации на СОНК во училиштата, во градинката, во Домот на културата и во крушевските музеи е донесена одлука да не се поддржи најавениот генерален штрајк на СОНК. Нема никакви пречки за одржување на наставата од второто полугодие, изјави Дамчески.
 
Во двете основни училишта и во гимназијата второто полугодие ќе почне за преку 1000 ученици. 

Од 20 јануари редовно продолжува второто полугодие за основците и средношколците и од Македонски Брод, информира градоначалникот Милосим Војнески на денешната прес-конференција во локалната самоуправа на која присуствуваа и директорите на основното и средното училиште, на институциите од културата и дел од наставничкиот кадар.

- Се е подготвено за почетокот на второто полугодие во основното училиште „Свети Климент Охридски“ и во средното општинско училиште „Свети Наум Охридски“. Наставничкиот кадар и вработените во институциите од културата на состанокот на основните организации на СОНК одлучија да не го поддржат најавениот генерален штрајк на СОНК. Не сме против барањата на наставниците, но тие може да се решаваат со дијалог, а не на штета на децата, изјави Војнески.
 
Во Македонски Брод има околу 700 основци и средношколци.
 
Наставата во основното образование во општина Дебрца исто така ќе се одвива во нормални услови во сите единаесет населени места каде што се одржува настава.

- Во врска со најавениот штрајк на СОНК, од разговорот со претседателката на СОНК во нашето училиште ве информираме дека на одржаниот состанок со наставниците не била поддржана одлуката од раководството на СОНК за одржување штрајк, вели градоначалникот на општина Дебрца Игор Трајковски.

На редовниот состанок пред почетокот на второто полугодие од  учебната година со директорот на основното училиште Дебрца, додава тој, е заклучено и дека нема проблеми околу одржувањето на наставата во однос на греење и превоз на учениците.

- Според овие заклучоци, во вторник,  20 јануари, ги повикувам родителите да ги пуштат своите  деца на настава во училиштата, вели Трајковски.

И наставата во училиштата во општина Босилово во вторник ќе продолжи да се одвива според планираното. Нема да има штрајк, соопшти градоначакникот на општината Љупчо Колев по денешната средба со директорите на училиштата и група наставници членови на СОНК.

На состанокот на градоначалникот со директорите и група наставници – членови на Синдикатот за образование, наука и култура при ООУ „Гоце Делчев“ Босилово, ООУ „Св. Кирил и Методиј“ Иловица и ООУ „Борис Трајковски“ Моноспитово и подрачните училишта, е констатирано дека СОНК повикува на генерален штрајк врз основа на неаргументирани барања.

Имено, се наведува, Синдикатот не дава детално и конкретно образложение за оправданоста и реалната остварливост на предлозите. Се потсетува дека според програмата на Владата покачувањето на платите ќе се реализира етапно во претстојните години.

Исто така, е заклучено дека претседателот на СОНК тоа го прави од личен интерес заради претстојниот реизбор.

Поради тоа, наставниците сметаат дека наставата на 20 јануари треба да продолжи нормално и според предвидените планови. 

- Сите услови за продолжување на наставата се исполнети и во централните и во подрачните училишта. Градоначалникот на општина Босилово ги извести родителите на учениците и наставниците дека нема да има штрајк и наставата во второто полугодие ќе започне навремено, се вели во соопштението.

Трите основни училишта и средното училиште во Демир Хисар во вторник непречено ќе почнат со настава, одлучено е на средбата на градоначалникот на општина Демир Хисар Љупчо Блажевски и директорите на училиштата.

- За најавите за штрајк на Синдикатот на работниците од образованието, науката и културата на 20 јануари произлезе заеднички и едногласен заклучок дека во моментов не постојат реално проценети причини за каква било манифестација и демонстрација на работничко незадоволство – како од условите за работа, така и од висината на платите во образованието. Исто така, како што се вели во заедничкиот заклучок, демирхисарските просветни работници нема да дозволат и дадат поддршка на неосновани барања што се осуетени, инспирирани и мотивирани од лични и кариеристички побуди, се вели во соопштението од општина Демир Хисар.

Наведено е и дека училиштата редовно и навремено ги сервисираат сите достасани финансиски потреби. - На средбата присуствуваше и директорот на детската градинка кој информира дека во овој период од годината традиционално е намален бројот на децата на дневен престој заради училишниот распуст, но и дека оваа година рапидно е зголемен бројот на згрижените деца 40-тина во почетокот на учебната, а 83 на крајот од првото полугодие, се додава во соопштението.

 

 

Оцени ја веста

18.01.2015 - 14:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега