Меѓународните финансиски институции потврдуваат: Македонија е економски лидер во регионот

Во последниве два дена, две водечки меѓународни институции, Светската банка и Европската банка за обнова и развој, потврдија дека македонската економија е економски лидер во регионот. Меѓународните финансиски институции ја сместуваат Македонија на прво место според економскиот раст во споредба со останатите земји од Југоисточна Европа, пишува Лидер.

Забележаниот економскиот раст, но и севкупната жилавост на економијата, во време кога сеуште се чувствуваат последиците од економската и финансиската криза во Европа, се потврда за добрата поставеност на економските политики, сметаат експертите.

Јавните инвестиции, производството и извозот од слободните економски зони го билдаат економскиот раст на земјава. Според извештајот на Светска банка, Македонија годинава ќе забележи највисок раст на БДП, споредено со другите земји од ЈИЕ. Според аналитичарите на банката предвидуваат раст од 3,5% годинава, кој следната година ќе забрза на 3,8%, за во 2017-та да достигне 4%.

И ЕБРД со позитивна прогноза за Македонија- предвидува дека економијата ќе постигне раст на БДП од 3,5 проценти, што е за половина процент повеќе од прогнозите дадени во септември, минатата година.

Експертите од меѓународните институции сметаат дека за растот на економијата ќе придонесе извозот од странските компании, кој континуирано ќе се зголемува, како и заздравувањето на традиционалните извозни сектори. Јавните инвестиции ќе останат двигател на растот, а добар знак е и тоа што заздравува и домашната побарувачка.

И домашните експерти сметаат дека македонската економија се движи по просперитетна патека од својот економски циклус.

-Добрите резултати се должат на традиционалната побарувачка во 2013-та која беше продолжена и во текот на 2014-та, особено проследена со порастот на личната потрошувачка, влијанието на странските директни инвестиции што значеше влијание врз отворање нови работни места, но и растот на личната потрошувачка. Понатаму, отворањето на неколку инвестициски фронта во градежна оператива, со средства од државниот буџет се манифестираа со изградба на автопатиштата, но и регионални патишта и делници. Имавме исто така извоз со поголема динамика, што исто така имаше благопријатно дејство на порастот на економијата во претходната година. Овие остварувања ќе продолжат и во 2015-та што секако се должат на планираните активности во повеќе области, првенствено во областа на инвестициите, објаснува универзитетскиот професор Томе Неновски.

Странските инвестиции и градежништвото остануваат локомотива на економијата

Најавените странски инвестиции како и градежниот бум и оваа година ќе бидат силен импулс за економијата, сметаат аналитичарите.

-Годинава ќе има засилено темпо на странските инвестиции. Беа најавена над 25 компании  кои ќе инвестираат,  потоа засилено искористување на планираните капитални инвестиции од централниот буџет, кои водат кон засилена градежна активност која што е локомотива на економијата, смета професорот Неновски.

Истовремено, индустријата зеде залет и стои на здрави нозе, што повторно укажува дека проектираната стапка на економски раст е остварлива. Индустриското производство континуирано расте 15 месеци по ред, од септември минатата година.

Според аналитичарите, добро и посакувано е тоа што македонската економија расте проследена со намалување на невработеноста. Добро балансираните економски политики од претходниот период посебно во периодот после рецесија придонесоа за оваа состојба како и за ефектите кои од после доаѓаат.

Иако стапката на невработеност сеуште е на високо ниво, аналитичарите од Светска банка нагласуваат дека во однос на невработеноста, Македонија во споредба со другите земји од регионот напредува со побрзо темпо.

Падот на вредноста на нафтата- позитивен за македонската економија

Познавачите велат дека падот на цената на нафтата позитивно ќе влијае на македонската економија, бидејќи ќе се намалат трошоците на компаниите.

Треба да се искористи моментот кој што сега е присутен со намалување на цената на нафтата, состојба која влијаеше многу пријатно кај одредени капацитети кои што ја користат нафтата како главен инпут, главен енергенс, смета професорот Неновски.

-Пониската вредност на нафтата ќе ги намали производствени процеси на компаниите и со тоа ќе се зголеми конкурентноста, а ќе има влијание на зголемување на обемот на економијата во целина. Сето ова треба да донесе понатамошно продолжување на тенденцијата за пораст на извозот, повеќе на извозот отколку на увозот, што во нето износ би требало да значи поттикнување  на економијата во целина, потенцира Неновски.

Експертите се децидни, доколку  ваквата состојба со цените на нафтата продолжи- економијата оваа година ќе расте уште повеќе.

 

 

Оцени ја веста

21.01.2015 - 09:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега