ВМРО-ДПМНЕ: Шилегов е фатен жив - заглавен е до гуша во скандали

Петре Шилегов е фатен жив и затоа бега од одговори служејќи се со недоветни и детски фрази, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од прес-конференцијата на Александар Стојкоски, пратеник во Собранието на Република Македонија

Очигледни се паничните обиди на Петре Шилегов да се оправда од скандалите во кои е фатен. Тој свесно ги менува податоците во својот Анкетен лист 6 месеци откако ги доставил до Антикорупциската комисија. Анкетниот лист содржи  сериозни информации, а не е лист на кој Шилегов ќе прави пиши-бриши. Да не беше искусен адвокат можеби ќе поверувавме дека навистина згрешил.

Ова го  прави уште посомнителен г-нот Шилегов.

Наместо да се сили Петре Шилегов како навивач на фудбалски натпревар, му даваме неколку дена да се смири, да ги сумира сите скандали врзани за негово име и да излезе во јавноста со одговори.

Петре Шилегов е заглавен до гуша, не во еден, туку во два скандали.

Прво, пред повеќе од шест месеци пријавил дека добива месечна закупнина од 700 евра од имот на неговата сопруга кој не постои, што значи дека ги добива од неидентификуван извор.

Второ, во неговиот стан на булевар Кузман Јосифоски Питу бр 19/5-4 Скопје има пријавено 4 фирми, од кои две не се негова сопственост и за ниту една фирма нема доставено договор за закупнина ниту има пријавено колку кирии добива за тоа месечно.

Јавноста бара одговори од Петре Шилегов!

Дали неговата  сопруга има или нема непријавен имот од кој зема 700 евра месечно?

Колку кирија му плаќа фирмата Блек Стоун Холдинг, со седиште во станот на Шилегов, а е во сопственост на лице од Абу Даби?

Колку кирија му плаќа фирмата Урбан Солутионс, со седиште во станот на Шилегов, а е во сопственост на лице од Љубљана?

На крајот на краиштата, дали и колку кирија плаќаат фирмите Адвокатско друштво Шилегов и партнерите и Нов осигурителен брокер во кои Петре Шилегов се јавува како сопственик или член на одбор на директори?

Молчењето на Шилегов само потврдува дека се точни сомневањата дека добива пари од неидентификувани извори, дека прикрива приходи или лажно ги прикажува. Ова отвора голем број други прашања за тоа како Шилегов го  стекнал имот од скоро еден милион евра.

Ние повторно го повикуваме и г-нот Шилегов да се охрабри и да излезе во јавноста со целокупната документација за овие два скандалозни случаи, ако се е чисто како што очајно го брани неговата партија. Доколку тоа не го направи, тогаш се остава простор за сомнеж  дека ако излезе во јавноста со документи, ќе излезат уште повеќе скандали поврзани со неговото име и имотот и приходите кои тој ги има.

 

 

Оцени ја веста

21.01.2015 - 15:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега