По најавите за нови врнежи утврдени критичните точки

По најавата од УХМР за нов бран на врнежи кој се очекува во петок попладне, а ќе продолжи и викендов, Координативното тело за справување со кризи одржа итен состанок на кој се договорени мерките кои ќе се превземат во следниот период.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески истакна дека на состанокот, кој се одржа во проширен состав, присуствувале најголем дел од градоначалниците во Македонија и директорите на водостопанските здруженија.

-Координативното тело направи преглед на можни критични точки кои денес ќе бидат доставени до сите релевантни институции. Сакаме да ја подигнеме состојбата на едно алармантно ниво за да ги заштитиме граѓаните и нивните имоти, како и земјоделските површини од евентуални нови поплави, посочи Јанакиески.

Според информациите на УХМР нов јужен бран ќе ја зафати Македонија, ќе има голем интензитет на врнежи кој се очекува да биде поголем отколку тој во изминатиот викенд. Ќе има и топење на снеговите до 1.600 метри бидејќи ќе има јужен ветер. Јанакиески посочи дека во текот на утрешниот ден УХМР ќе излезе со конкретни бројки на тоа колкава количина на дожд се очекува во секое подрачје во Македонија.

Последните информации говорат дека следните места се дел од најкритичните за поплави во текот на викендот:

-штипско:  Кошево, Никоман,  Почивало, Лакавица

-Општина Карбинци

-Кочани дел од населените места кои се по теченијата на Брегалница, Злетовска река и Оризарска река, Пробиштип населби по течението на Злетовска река, кумановско, Старо Нагоричане, Липково, населбите по течението на Пчиња. Во општина Могила и Новаци населби и земјоделски површини што се по течението на реката Црна

-Општина Прилеп селата Чепигово, Тројкрст и Тополчани

-Општина Струмица; патниот правец и населенијата околу патниот правец од Струмица до селото Просениково, од Просениково до Сарај

Критични точки се и Гевгелија, Демир Капија, Велес и Радовиш бидејќи се очекува зголемување на водостојот на Вардар.

koordinativno-sostanok500

На денешниот состанок донесени се неколку конкретни мерки и препораки од страна на Координативното тело. Во продолжение може да ги прочитате истите.

-Градоначалниците да ги стават на готовс сите расположливи ресурси и да ги активираат своите кризни штабови и итно во текот на утрешниот ден да свикаат координативни состаноци каде ќе бидат повикани претставниците на МВР и ДЗС

-Градоначалниците да ги информираат сите месни заедници и населени места за критичните точки и предложени мерки кои утре ќе бидат усвоени, а сите предложени мерки да бидат доставени и до ДЗС

-Доколку градоначалниците увидат дека им е потребна дополнителна помош во технички ресурси да достават барање до ДЗС

-Се апелира до ЦУК континуирано да го следи водостојот на реките и навремено да ги информира општините

-Единиците на локалната самоуправа и Македонија пат интервентно да реагираат на мостовите каде има опасност од задржување на големи наноси дрвја

-Сите граѓани кои сметаат дека се загрозени да се обратат до бесплатниот број 195 до Центарот за управување со кризи

-Уште вечер припадниците на МВР и на Министерството за одбрана ќе бидат во целосна приправност

Јанакиески апелираше возачите благовремено да се информираат за состојбите на патните правци. ЕВН и Македонија пат од утре ги зголемуваат дежурствата за да можат навремено да интервенираат за било какви последици предизвикани од поплавите.

 

 

Оцени ја веста

27.01.2015 - 19:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега