Потврдено: Прв случај на Западно-нилска треска во Прилеп - заболено детенце

Клиниката за детски болести во Скопје потврди дека детето од Прилеп кое на клиниката е хоспитализирано на 20 јануари е со позитивен наод на Западно-нилска треска. Во тек е испитување на втор серум, заради следење на динамиката на титарот на антитела и утврдување на фазата на болеста.

За ова денеска информираше Гоце Ингилизов, директорот на Центарот за јавно здравје од Прилеп, кој посочува дека во Центарот за јавно здравје во Прилеп се вршат сите епидемиолошки истражувања.

- Ги извршиме сите епидемиолошко истражување. Се утврди дека детето не патувало надвор од местото на живеење, и мајката негира убод од комарец или друг инсект во подолг временски период. Детето жиивее во куќа со уредна санитација, домашни животни не чуваат. Во соседството на две локации се чуваат птици, а на 20-тина метри постои стара, разурната куќа, во која постојат идеални услови за одржување и размножување комарци, но не може со сигурност да се тврди дека посочените птици се извор на вирусот, вели Ингилизов.

Од Центарот информираат дека ова е прв случај на Западно-нилска треска во Прилеп, додека во Македонија, од 2011 кога беше регистриран првиот случај, до денес вкупно се регистрирани 19 случаи на заболени со три смртни исходи.

Директорот на Центарот за јавно здравје од Прилеп, објаснува дека станува збор за вирусно заболување кое се пренесува со убод на комарец, а главен резервоар се птиците.

- Болеста има сезонски карактер, најчесто се регистрира во лето и есен, односно во периодот на најголема активност на комарците, но може да се регистрира и во текот на другите месеци. Кај 80 отсто од инфицираните ова заболување поминува без симптоми. Од оние каде се јавуваат одредени симптоми тие се во најголем дел со лесна клиничка слика, слична на грип, а само кај 1 отсто може да се јави тешка неуроинвазивна форма на болест, информира Ингилизов.

 

 

 

Оцени ја веста

29.01.2015 - 13:18
Фото: 
доктори.мк

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега