Продолжува грижата: Зголемен надоместокот за згрижувачките семејства - дополнителна помош за лицата со инвалидитет

Владата на последната седница усвои измени во Законот за социјална заштита, кои претставуваат нова поволност и бенефит и се однесуваат на две целни групи, односно на згрижувачките семејства и лицата со инвалидност.

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, информира дека се воведува зголемување на паричниот надоместок за згрижувачките семејства за цели 25%, почнувајќи од јули годинава.

Исто така, се воведува можност за рефундирање на средства, односно данок и царина за набавка на патнички автомобил за сопствени потреби од страна на лицата со 80% инвалидитет на долните екстремитети, како и за потполно слепите и глуви лица со придружник.

-Со првата измена ќе бидат опфатени околу 175 згрижувачки семејства, кои згрижуваат 315 лица, но исто така ова ќе биде поттик што поголем број на граѓани да станат згрижувачи, да се вклучат во оваа хумана и племенита мисија. Во згрижувачки семејства може да бидат згрижени деца без родители и родителска грижа, деца со воспитно-социјални проблеми на  училишна возраст, како и лица со умерени и тешки пречки во менталниот развој и лице упатено на оспособување за работно производна активност, лице со најтешки пречки во менталниот развој, лице со трајна телесна попреченост, старо лице, возрасно лице со телесна попреченост, како и возрасно лице со пречки во менталниот развој, истакна Спасов.

Доколку некој згрижувач згрижил дете без родители, досега земаше надоместок од 6.500 денари, а сега ќе зима 8.125 денари.

Згрижувач на дете со воспитно-социјални проблеми од јули годинава ќе зема 9.375 денари наместо, како досега, 7.500 денари.

Згрижувачите на лица од останатите категории досега земаа по 8.500 денари, а со зголемувањето надоместокот ќе изнесува 10.625 денари.

-Се предвидува лице со најмалку 80% инвалидност на долните ектремитети, потполно слепо лице со придружник и целосно глуво лице да може да поднесе барање за рефундирање на средства платени како царински давачки, ДДВ и акциза за набавка на патнички автомобил, со кој ќе управува подносителот на барањето или неговиот брачен другар, родител, дете, истакна Спасов.

Оваа мерка ќе се применува од следната година, а Спасов очекува од овие измени неколкукратни бенефити.

 

 

Оцени ја веста

30.01.2015 - 13:22
Фото: 
вести.мк

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега