Демонстрантите се шират низ цела Турција

 Демонстрантите, кои протестираат против турската Влада, планираат денеска нови собири во повеќе големи турски градови.

Според турските медиуми, во најмалку 10 турски градови се очекуваат протести со учество на илјадници демонстранти. Собири ќе се одржат на централните плоштади вои Анкара, Измир, Адана, Анталија.

Истовремено се очекува вечерва на митингот на владејачката Партија на правдата и развојот на истанбулскиот плоштад Казличешме да се соберат над 300.000 приврзаници на турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган.

Во меѓувреме, и понатаму е голема тензијата во повеќе квартови во близина на плоштадот Таксим во Истанбул, каде и денеска дојде до судири меѓу демонстранти и полицијата. Илјадници демонстранти од вчера воопшто не го напуштија плоштадот и се наоѓаат низ улиците на Истанбул. Голем дел од нив се со заштитни маски на лицата.

Турските власти тврдат дека дејствуваат внимателно, но имаат намера „да покажат решителен отпор против екстремистите, кои се мешаат со толпата мирни демонстранти и потоа се обидуваат да провоцираат судири“.