Бесими во Вашингтон: Најдобро решение се паралелни преговори со ЕУ и Грција

Македонскиот вицепремиер задолжен за европски интеграции Фатмир Бесими, во предавање во универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон, рече дека најдобро решение на блокадата на евро-атланските интеграции е на Македонија да и се овозможи паралелно да ги води преговорите со Европската Унија и разговорите со Грција за спорот за името, како и да се определени временски рок за решавање на спорот со Грција. Бесими е во САД како дел од македонската делегација која учествува на традиционалниот молитвен појадок.

- Верувам дека има начин за решение на спорот со името. Треба да го зајакнеме работењето дома во Македонија и со грчките политичари во Грција. Нашите партнери и пријатели од меѓународната заедница треба да помогнат во овој процес. Тоа е начинот, бидејќи без решение, без прием на регионот во НАТО и ЕУ, и Грција нема да има корист. Грција може ја презеде улогата на лидер во регионот за процесот на интеграција на Балканот. Ова би било победничко сценарио за двете страни,  ја пренесе МРТ изјавата на Бесими на предавањето во универзитетот Џонс Хопкинс.

На прашањата на американските експерти и професори колку е реална перспективата за евроинтеграции на Македонија, вицепремиерот Бесими одговорил дека Македонија е подготвена да ги почне преговорите со Европската Унија и додал дека одлагањето поради блокадата од Грција и по шест препораки од Европската Комисија не е добро за стабилноста на регионот вклучувајќи го и нашиот јужен сосед. "Членството во НАТО и во ЕУ е инвестиција", изјавил Бесими.

Бесими воедно оценил дека спроведувањето на реформите потребни за приближување кон Унијата е попречено и поради собранискиот бојкот на опозициската СДСМ на Собранието. Бесими потсетил дека претседателот на Советот за евроинтеграции вообичаено се бира од редовите на пратениците од опозицијата.

 

 

Оцени ја веста

05.02.2015 - 10:02
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега