Попоски: Оние што ги блокираат институциите им даваат алиби на тие што ја блокираат евроинтеграцијата

Блокирањето на работата на македонските институции од страна на опозициската СДСМ им дава алиби на тие што сакаат да спречат интеграција на Република Македонија во Европската унија. Ова, како што јавува дописникот на МИА од Брисел, е заклучокот од денешните средби во Европскиот парламент на македонскиот министер за надворешни рбаоти Никола Попоски, со дузина европратеници и челници на Комитетот за надворешни работи на Европарламентот.

Во кусата еднодневна работна посета на Брисел, министерот Попоски денеска се сретна со претседателот и со потпретседателот на АФЕТ-групата во ЕП, Елмар Брок и Андреј Пленковиќ, со известувачот за Македонија во европскиот законодавен дом Иво Вајгл, како и со европратениците Тања Фајон, Алојз Петерле и Едвард Кукан, но и со претседателот на најбројната парламентарна група во ЕП, Европската народна партија - Жозеф Дол.

 

Главна тема на разговорите на шефот на македонската дипломатија со европратениците беше усвоената Резолуција за Македонија од страна на АФЕТ, во која по деветти пат, Европарлмаентот бара итно отворање на пристапните преговори со Македонија. Политичката криза и бојкотот на македонското Собрание, исто така беше на врвот на агендата на разговорите, при што европратениците испратија уште една јасна порака дека сите политички дискусии треба да се одвиваат во македонските институции.

- Пораките што ги упатуваат од Европарламентот е дека е неопходно во моментов, сите одговорни политички чинители во Република Македонија да придонесат политичкиот дијалог да се одвива во институциите. Односно, во рамки на Собранието, таму каде што е потребно, како и да се почитуваат сите релевантни институции во една демократија од страна на сите политички чинители, истакна Попоски во изјава за МИА по средбите.

Шефот на македонската дипломатија рече дека за земјата е многу значајно оваа пречка да биде отстранета, бидејќи, според него, со ова се прави услуга на оние кои изминатиот период ја блокираат Македонија во евроинтеграциите.

- Во моментов, оние што не овозможуваат да функционираат целосно сите институции во Македонија, им овозможуваат многу добар алиби на тие кои сакаат да ја спречат интеграцијата на Република Македонија или во поверојатна варијанта, кои сакаат да го успорат процесот на носење на одлука за почеток на преговори. Мораме да бидеме свесни дека избегнувањето на политички дијалог во институциите и излегување од нив е аргумент во раката на оние кои сакаат да ја спречат Македонија да напредува кон Европската унија, предупреди Попоски.

Министерот за надворешни работи потврди дека разговорал со европратениците Брок, Пленковиќ, Вајлг, Фајон, Петерле и Кукан, кои доаѓаат од различни политички групации во Европарламентот, како и со челникот на ЕПП, Дол, на кои станало збор за и Резолуцијата што се однесува на Македонија и која веќе пројде на ниво на комитети и идната недела ќе биде усвоена на пленарна сесија на Европарламентот.

- За нас се значајни неколку работи, тоа што е потврдено уште еднаш е фактот дека Македонија е неопходно да ги започне преговорите, по шест препораки и шест години во кои сме блокирани на Советот. Да ги отпочнеме преговорите за членство во ЕУ. Од друга страна, разговаравме за предизвиците што ни стојат на патот, а тоа се однесува на делот на реформите што Македонија ќе треба да ги спороведува и како можат европратениците да помогнат во нивно поефективно спроведување, заклучи министерот Никола Попоски.

МИА

 

 

Оцени ја веста

25.02.2015 - 15:49
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега