Груевски: Граѓаните не познаваат кои сме и какви сме

Нашиот план е да се бориме против ова што и се случува на нашата држава и тоа со аргументи и со факти, со нашето вистинско лице, а тоа е она кое граѓаните го познаваат  сиве овие години, рече премиерот Никола Груевски на денешната прес-конференција. 

- Граѓаните не познаваат кои сме и какви сме. Со нив сме речиси девет години. Некои од нас и подолго, и ни ги знаат и нашите маани и нашите доблести, и што можеме и имаме срце и што не можеме да направиме. Од секој граѓанин зависи колку ова ќе трае и колку ќе го окупира нивното и наше внимание, рече Груевски. 

Потсети на сите проекти за подобрување на стандардот на граѓаните, за привлекување инвестиции, за нови работни места... 

- Нервоза, пцовки, гнев, лични негативни чувства, презир кон некого, вербални реакции од кои подоцна сме се срамеле или за кои сме се покајале сите ние сме искажале на различен начин, но важно е тие да не се суштината на нашето однесување. Ние мора заеднички да се одбраниме. И ќе успееме, дециден беше тој, свесен дека провокации, како што рече, ќе има.

Некој, смета Груевски, сака сценарио кое ќе финишира со насилство и со сериозна криза, а ние тоа нема да го дозволиме.

- Мојата порака до работниците, земјоделците, пензионерите, студентите, бизнисмените, професорите, лекарите, до оние кои се невработени, до оние кои ги тиштат истите секојдневни проблеми и кои бараат решенија на тие проблеми, дека е важен реалниот живот, реалните проекти, реалните потреби на сите вас. И кој може да одговори на тие потреби, кој може да ви понуди решенија за проблемите и нови можности, кој може да обезбеди нови работни места, нови патишта, нови училишта, болници и слично, рече Груевски.

Пред Владата се многу проекти. - Има и над 25 компании кои донесоа или се пред носење одлука за инвестирање, на чие убедување сме потрошиле многу  навистина многу време, сите ние, за да отворат можности тука, за да помогнат и да вработат наши сограѓани, рече премиерот и посочи дека вчера потпишавме со компанијата која во Прилеп ќе отвори 2.000 нови работни места почнувајќи постепено од октомври годинава.

Според Груевски, оваа ситуација има и негативно влијание врз инвеститорите.

- Дел од нив се јавија со загриженост да прашаат што точно се случува. Точно тоа се случи минатата недела со една таква компанија која се интересираше кај нашите министри што точно се случува и дали да ги продолжат нивните намери за инвестирање односно нивните планови за инвестирање. По нашето објаснување тие за среќа донесоа одлука да продолжат со планот којшто го имаа за реализирање на нивна инвестиција во Македонија, рече Груевски.

 

 

Оцени ја веста

25.02.2015 - 21:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега