Современата жена во канџите на Балканот

Бука - Сараево

Никогаш не вели никогаш. Еве ви пишувам за тема за која мислев дека никогаш нема да пишувам, се подразбира и дека не морам. Додека на сите им е полна устата со Европа и изградбата на едно модерно, граѓанско и отворено општество, всушност сите во себе носиме балкански гени и не можеме да побегнеме од нашиот менталитет. 

И не требаме. Но, зарем не можеме да изградиме своја граѓанска држава и воедно да ги зачуваме традицијата, обичаите, верувањата и културата? Но, сите се повикуваат на своите права, па не смееш веќе никого на улица незгодно да погледнеш, а да не те тужи поради претрпена душевна болка. 

Зарем жените во сопственото општество чиј се примарен дел и на кое даваат огромен придонес, воопшто можат да бидат некоја група која ги бара своите права? Зарем треба да подвлечам дека жените се исто толку вредни како и мажите, да ги имаат истите способности, можности, права? 

Мислев дека оваа реченица е аксиом и дека не мора да се докажува. Изгледа дека мора, многу жени ја докажале, фала му на Бога дека тоа е така и мразам што морам одвоено да пишувам мажи и жени, бидејќи инаку ги користам термините: луѓе, лица. Мислам дека сите сме еднакви. 

И не се лутев кога станував дел од стереотипот за жените, кога ми зборуваа дека ќе можам добро да се омажам дури откако ќе научам да правам пита и тие старинските како: на жените местото им е во кујната, жените не се разбираат во политиката, молчат кога мажите зборуваат. 
Моето премолчување на нивните изјави говореше дека сум над нив и дека со тие ставови всушност покажуваат дека самите се слаби и несигурни. И се чудев на жени кои трпат насилство под изговор: тој е маж, мора да удри со рака на масата; како тоа да го прави вистински маж. 

И сите девојки на кои некој друг треба да им каже дека се убави, паметни и дека вредат, тотално се изгубени. Тие кои дозволиле со нивните мозоци да господари некој наводно посилен од нив, кои дозволуваат да ги ставаат во клише само затоа што не дигаат тегови и не менуваат гуми на возилото (не затоа што не знаат, туку дека не сакаат). 

А кога ќе ја спомнам женската интелигенција, тоа не се трпи (повторно лошо се чувствувам, што интелигенцијата ја потценувам делејќи ја на машка и женска, што е апсурд). – Молчи, ти не се разбираш затоа што си жена, со овој свет владејат мажи – често ќе го слушнете ова, не јавно секако, но морам да бидам сурова и да забележам дека оваа реченица суптилно се провлекува низ сите сегменти на општеството. Со светот управуваат мажи, многу разумно, ќе забележам, истите тие мажи кои војните ги почнувале поради жена. 

Длабоко вкоренетата доминантност на општествените односи каде примат имаат мажите опстанува благодарение на жените кои ги виткаат своите грбови. И не е оправдување нашиот балкански менталитет, почитувањето на жената без омаловажување на нејзините ставови, успесите, разумот и способноста. 

Еј, Балканци, не бараме многу, зарем не? 

Во овој систем на транзициски вртлог и изопачени вредности, потребно е да се промени свеста на луѓето со афирмација на позитивните цивилизациски вредности, учество во процесот на донесување на одлуки, како и константна борба која ќе обезбеди поповолни услови за живот и работа во оваа држава. 

Пишувањето, зборувањето, укажувањето и санкционирањето на дискриминацијата вреди кога ќе престане да биде само буква на хартија и кога ќе почнете од себе, да поставувате цели и да сфатите дека борбата за подобар статус во општеството зависи само и исклучиво од вас. 

Не се определувам тука да размислувам дали машко или женско лице ќе го прочита ова, ни дали ќе биде задоволно од напишаното, или пак критички настроени кон оваа мала изјава на женскост. 

Едно, за што одамна не размислувам, во што сум сигурна е од Бога дадена еднаква можност за партиципирање во (без)вредностите на општеството, па зарем не е и ова мое мало дело само еден од низата обиди за пробивање на балканските застарени сваќања и бариери?

 

 

Оцени ја веста

08.03.2015 - 12:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега