Грција се заканува со нови избори или референдум

Грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис денеска најави можност од нови избори во земјата или можеби референдум за евентуалниот финансиски договор со ЕУ пред утрешниот состанок на министрите од еврозоната во Брисел.

- Ако министрите не ги прифатат седумте големи реформи кои Грција ги спроведе за да добие следна транша преку потребниот кредит, тогаш би можело да има проблеми. Можеме повторно да распишеме избори или референдум. Ситуацијата е се уште неизвесна, предупреди Варуфакис во интервју за италијанскиот весник „Кориере дела сера“.

Минатиот пат кога Грција се закани со референдум за кредитот во ноември 2011 година на светските берзи завладеа паника, европските парнери беа лути, а тогашниот премиер Јоргос Папандреу остана без функцијата.

Варуфакис ја обвинува ЕУ дека ја спречува Грција да излезе од длабоката рецесија, бидејќи ги предомислува инвеститорите со предупредувањата дека земјата би можела да биде исфрлена од еврозоната.

- Грција не е повторно во рецесија, бидејќи едноставно таа никогаш не ни излегла од рецесија. Поради дефлација номиналниот бруто домашен производ се намалува, иако реалниот БДП се зголемува. Јас сакам номиналниот БДП да расте, истакна грчкиот министер за финансии.

 

 

Оцени ја веста

08.03.2015 - 12:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега