Измените на Законот за трансформација на работниот однос пред пратениците

Собранието на Република Македонија денеска ќе ја продолжи 39. седница. Пратениците треба да се изјаснат, меѓу другите, и за измените и дополнувањата на Законот за трансформација во редовен работен однос, по скратена постапка.

Целта на измените, поднесени од пратеникот Крсто Мукоски, се регулирање на трансформирањето во работен однос на неопределено работно време и на лицата кои имале прекин на договорот со кој биле ангажирани за извршување на работа поради бременост и/или раѓање, а кои имаат важечки договори во моментот на трансформирање на работниот однос. Се предвидува трансформирањето во работен однос на неопределено работно време да се применува и за лицата кои имаат прекин на договорот со кој биле ангажирани за извршување на работа поради бременост и/или раѓање во моментот на трансформирање на работниот однос, а кои имале договори за ангажирање во институцијата за три последователни месеци што непосредно претходат на прекинот поради бременост и/или раѓање.

Со измените се предвидува формирање Комисија која ќе издава потврда за условот и времетраењето на периодот за прекин поради бременост и/или раѓање.

Исто така ќе се зголеми рокот во кој институциите се должни  да склучат договори за засновање на работен однос на неопределено време, односно да донесат решенија за вработување со лицата ангажирани со договор. 

На дневен ред се и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање, по скратена постапка, поднесен од пратеничките Лилјана Затуроска, Олга Најденовска, Предлог на законот за водостопанство, Предлог на закон за дополнување на Законот за земјоделски задруги, Предлог на закон за изменување на Законот за хидрометеоролошка дејност, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Државен пазарен инспекторат, Предлог на закон за дополнување на Законот за техничката инспекција и Предлог на закон за дополнување на Законот за санитарната и здравствената инспекција, сите во прво читање.

Собранието се очекува да ја констатира и потребата за донесување на измените и дополнувањата на Законот за управување со отпадот, на Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните и на Законот за личната карта. 

На оваа седница на дневен ред се и одлуките за одобрување на Финансискиот план на Македонската радио телевизија за 2015 година, на Годишната програма за работа и развој на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2015 година и на Годишната програма за работа на Агенцијата за пошти за 2015 година. 

 

 

Оцени ја веста

17.03.2015 - 09:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега