Рејндерс: Политички дијалог и враќање на опозицијата во Парламентот

За Белгија пораката е јасна, очекуваме да забележите напредок, патот треба да го поминеме заедно. За да се постигне тоа треба да се продолжи политичкиот дијалог и опозицијата да се врати во Парламентот, истакна на денешната прес-конференција во Скопје белгискиот вицепремиер и шеф на дипломатија Дидие Рејндерс.

Според него, расположението во ЕУ и Белгија особено, е тоа да и се помогне на Македонија, но претходно таа мора да го сработи своето.

- Има многу треми на кои треба да се работи како независност на медиумите, независност на правосудството. Посакуваме да почнат и преговорите, поглавје по поглавје во исто време додека се водат преговори за политичкиот дијалог. Треба сите да е вклучат и ние сме спремни да помогнеме, рече Рејндерс на заедничкиот прес со неговиот домаќин, македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски.

Во однос на спорот за името со Грција, Рејндерс рече дека Белгија може да и помогне на Македонија со своето искуство бидејќи доаѓа од земја каде регион го носи името Холандија.

За предлогот на официјална Атина за мерки за градење доверба, Попоски рече дека две работи се клучни.

- Реалноста е дека Македонија и Грција не се во војна, туку одлично соработуваат и второ, не смееме да бараме изговори за ненадминување на блокадата која е поврзана со наметнатиот спор. Не смее да се замагли главната тема и да се дефокусира од преговорите за членство во НАТО и ЕУ. Довербата е неопходна, но неопходни се и решенија и дијалог, рече Попоски.

На новинарско прашање за случајот на прислушување, белгискиот вицепремиер смета дека е потребно прво да се разјасни дали прислушувањето било легално или нелегално, а во однос на самата содржина да се види дали е потребно санкционирање.

Според Попоски, пак, Македонија има интерес да ја реши аферата „прислушување“ со институционална и правна разврска без оглед на евроинтеграциите.

Шефот на белгиската дипломатија кој е во официјална посета на Македонија денеска треба да се сретне и со претседателот на државата Ѓорге Иванов, со премиерот Никола Груевски, како и со вицепремиерот задолжен за евроинтеграции Фатмир Бесими.

 

 

Оцени ја веста

06.04.2015 - 12:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега