Унија на средношколци: Средношколскиот пленум е нелегитимна група која е политички мотивирана

Унијата на средношколци на Македонија и денес констатира дека нивните соученици потпаднаа под влијанието и притисоците на една неформална и нелегитимна група, која се нарекува Средношколски пленум и се претставува како официјален претставник на средношколците во нашата земја.

-Згрозени сме од постапките на оваа политички мотивирана група, која затскривајќи ги вистинските намери, преку класични манипулации и интриги се обидува да ја бојкотира наставата во некои училишта свесно нанесувајќи штета на образовниот процес на учениците и предизвикувајќи одговорност кај секој поединец кој успеале да го намамат да учествува во нивните незаконски активности за наводно спречување на одлуката- предметот математика да не биде задолжителен при полагање на државната матура, вели Звонко Селев од Унијата на средношколци.

Тој потсетува дека за ова прашање Унијата на средношколци веќе преговараше, се договори со институциите и успеа да ја постигне целта-математиката да не биде задолжителна за сите ученици, туку само за оние кои одлучиле да бидат математичари, односно гимназијалците кои го одбрале природно-математичкото подрачје.

-Токму поради ваквите фантомски и манипулаторски здруженија и пара-организации, повеќе од 20 години постои и дејствува Унијата на средношколци на Македонија чија што цел е да ги заштити и унапреди правата и интересите на сите средношколци. Денес уште еднаш, упатуваме апел до нашите соученици да не потпаѓаат под политичко влијание и да не учествуваат во остварување на личните желби на поединци, притоа свесно наштетувајќи си на самите себеси, истакна Унијата на средношколци.

Тие упатија и апел до институциите на системот и до граѓанските здруженија, дополнително да се активираат и ваквите манипулации со учениците да бидат детектирани, анулирани и соодветно санкционирани.

 

 

 

Оцени ја веста

06.04.2015 - 14:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега