Груевски-Рејндерс: Односите во духот на пријателството и меѓусебното почитување

Одличните билатерални односи помеѓу Република Македонија и Кралството Белгија кои се развиваат во духот на пријателството и меѓусебното почитување, како и интензивирањето на соработката во сферата на економијата и трговската размена беа поздравени на денешната средба во Скопје меѓу премиерот Никола Груевски и белгискиот вицепремиер и министер за надворешни работи Дидие Рејндерс.

Во таа насока, информираат од Владината прес-служба, беше констатирано дека постои солидна основа за понатамошен напредок на економската соработка, како и стимулирање на соработка помеѓу бизнис заедниците од двете земји.

Премиерот Груевски посочи дека Република Македонија има позитивно искуство од инвестирањето на белгиската компанија Ван Хул за производство на автобуси која што придонесе и за привлекување на други компании кои работат како добавувачи на оваа белгиска компанија. Тој истакна дека постои потенцијал кој треба да се искористи дополнително во насока на збогатена економска и трговска соработка.

Соговорниците разговараа за реформите кои се спроведуваат во Република Македонија и за актуелната политичка состојба, при што премиерот Груевски ја истакна стратешката определба на нашата земја за интеграција во евро-атлантската заедница и за унапредување на стандардите во сите општествени сфери.

Заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Кралството Белгија Дидие Рејндерс изрази задоволство од воспоставената соработка и унапредувањето на заедничките односи. Тој упати поддршка на европските интеграции на Република Македонија, посочувајќи го интересот на Белгија за побрзо интегрирање на целиот регион. Изрази уверување дека со заеднички напори во наредниот период ќе се успее да се зајакне билатералната економска соработка која претставува приоритет на владите од двете држави. 

 

 

Оцени ја веста

06.04.2015 - 16:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега