„За безбедна храна, од нива до трпеза“

 

Под мотото „За безбедна храна, од нива до трпеза“ денеска се одбележува Светскиот ден на здравјето - 7 Април. Македонското лекарско друштво (МЛД) по тој повод денеска организира настан на кој ќе биде одржано предавање за безбедноста на храната. 

Целта на кампањата на Светската здравствена организација (СЗО) е да се подигне свеста на граѓаните за подобра безбедност на храната, како и препораки на владите, јавно-здравствените авторитети, заедниците и поединците да преземаат навремени акции за превенција на приближно 200 заболувања кои се јавуваат како резултат на загадена храна со бактерии и вируси, паразити, хемиски супстанци и друго.

Болестите поврзани со загадена храна со бактерии би можеле да се превенираат со примена на пет клуча за побезбедна храна и тоа со одржување на хигиената, со одделување на сировата од подготвената храна, со темелно подготвување на храната, нејзино чување на безбедни температури и користење безбедна вода и свежи продукти, потенцираат од СЗО. 

Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на здравјето денеска во Скопје, МЛД свечен собир, на кој, меѓу другото, доц. д-р Гордана Ристовска од Институтот за јавно здравје ќе одржи предавање „Колку е безбедна Вашата храна“. Се очекува обраќање на претседателот на МЛД Горан Димитров и на министерот за здравство Никола Тодоров. Истовремено МЛД ќе одбележи 70 години од основањето. 

Граѓаните на Македонија јадат безбедна храна, тврдат надлежните. Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски вчера на прес-конференција во Институтот за јавно здравје со поддршка на СЗО рече дека храната во Македонија се контролира во секој сегмент.

- Системот за контролирање на храната е воспоставен и ние сме во комуникација со сите институции. Сето тоа се контролира со национални мониторинг планови кои се усогласени со работењето во ЕУ. Се земаат примероци од сите прехранбени производи што се произведуваат во Македонија, но и од оние кои се увезуваат. Досегашните анализи покажаа дека во изминатата година имаме високо безбедна храна. Откриен е само еден производ, односно кромид каде што имаше недозволени количини на пестициди и тој производ е тргнат од пазарот, изјави Поповски.

Во однос на поплавите што ја зафатија Македонија, Поповски посочи дека тие нанесоа штети и во земјоделскиот сектор и оти од сите анализи што се направени од поплавените општини потврдено е дека директно угинување на животни нема, има мал дел поплавени фарми и мал дел поплавена храна за животни.

На Светскиот ден на здравјето 2015 година, СЗО за Европа проценува дека бројот на заболени лица со болестите кои се пренесуваат преку храна е повисок отколку што се пријавуваат во моментот и се нагласува потребата од подобрување на соработката меѓу секторите со цел намалување на здравствените ризици поврзани со небезбедна храна.

- Од националниот систем за пријавување и евиденција на заразните болести кај населението во Република Македонија може да се види дека инфекциите предизвикани со микролошки контаминирана храна имаат променлив тренд, бактериските алиментарни инфекции и интоксикации имаат тренд на намалување, салмонелозата има тренд на пораст, но и цревните инфекции предизвикани со ешерихија коли бележат пораст што се должи на неодамна воведената законска обврска за пријавување, изјави Мемети.

Во текот на 2014 година првпат во Македонија беше евидентирана епидемија на листериоза, предизвикана со контаминирана храна која беше проследена со висока стапка на смртност. Бруцелозата бележи тренд на опаѓање која се должи на повеќегодишните интерсекторски напори за намалување на инциденцата на оваа зооноза.

Здравствениот и земјоделскиот сектор можат да превенираат заразни и незаразни заболувања, антимикробрана резитенција, да го поддржат одржливиот развој и да му овозможат на населението како во урбаните така и во руралните средини да имаат пристап до безбедна и нутритивно адекватна храна.

Во 2014 година во Македонија имало регистрирано 909 алиментарни инфекции и интоксикации, 204 салмонелози, 162 инфекции со ешерихија коли и 40 случаи на бруцелоза.

Случајот со епидемија на ешерихија коли во Европа во 2011 година имаше не само здравствен туку и економски импакт. Епидемијата, според истражувањата, била предизвикана од контаминирани никулци од Египет, а пријавени биле заболени лица од 14 земји во Европа и две во Северна Америка, 55 лица починале како последица на оваа бактерија, а загубата за фармерите и прехранбената индустрија се проценува на 1,3 милиони американски долари. 

 

 

Оцени ја веста

07.04.2015 - 09:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега