Градежниците од регионот заеднички ќе ги решаваат проблемите

Здруженијата за градежништво при стопанските комори од регионот, Македонија, Србија, Хрватска, БиХ и Република Српска, денеска потпишаа Договор за соработка чија цел е надминување на актуелните проблеми во секторот и заеднички настап на трети пазари, пренесува МИА.

Како што беше речено по тркалезната маса „Регионална соработка и заеднички настап на градежниот сектор на трети пазари“ во Стопанската комора, соработката најпрво ќе почне со помали проекти, а таргет ќе бидат земјите од Блискиот и Далечниот Исток, Русија, Украина, ЕУ и земјите од Северна Африка.

Договорот, кон кој наскоро ќе се приклучат и Словенија и Црна Гора, предвидува компаниите здружено да насатапуваат и на домашните пазари, на тендерите за поголемите инвестиции финансирани од странски пари, кои засега, според нив, се исклучително ригорозни.

- Се соочуваме со расцепканост и неповрзаност во секторот, 95 отсто од фирмите се мали поради што одлучивме да се здружиме. Најголеми ни се шансите за настап на досегашните традиционални пазари, но сметам дека треба да бараме и други. Потенцијалот е голем, а се зависи од нас, од нашето здружување. Ќе одиме чекор по чекор, со помали проекти зашто прво мора прво да зајакнеме, дури потоа да правиме поголеми чекори, истакна Дамир Перцел од Стопанската комора на Хрватска.

За производителите на градежни материјали атестите не се секогаш признати, има многу неусогласености во законската регулатива и царинските процеси, споро се добиваат работни дозволи. Ова се само некои од проблемите со кои се соочуваат градежниците во земјите потписнички на Договорот. 

- Ние сме практично сервис за нашиште компании, да им помогнеме да се здружат за заеднички настап на нашите, но и на странските пазари. Многу малку засега можат смостојно да учествуваат на тендерите за поголемите инвестиции финансирани од странски извори. Ако се здружат, шансите се многу поголеми. Кога настапуваат надвор, пак, имаат проблем со банкарските гаранции, бонитетите но, здружени, со заеднички референтни листи, секако ќе бидат подобри, помоќни, Никола Велковски, претседател на Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија.

Согласно Договорот, здруженијата за градежништво на своите веб страници секојдневно ќе ги ажурираат тендерите, понудата и побарувачката во домашните и странските земји. Така фирмите ќе можат сами да црпат податоци и да договараат соработка. 

 

 

Оцени ја веста

07.04.2015 - 14:17
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега