Вељаноски: Политичкиот дијалог еден од основните принципи на ЕУ

Политичкиот дијалог, меѓу другите нешта, е еден од основните принципи врз кои е создадена Европската унија. Истовремено, овие нешта, како цивилизациски придобивки се издигнуваат на ниво на задолжителни демократски стандарди за сите држави во светот, истакна претседателот на Собранието Трајко Вељаноски на конференцијата на претседателите на парламенти, што во изминатите два дена се одржува во Рим. 

Пред своите колеги тој искажа убедување дека политичкиот дијалог како вредност и како алатка за решавање на сите отворени прашања се повеќе продира во свеста кај политичките елити, но и кај сите општествени субјекти кои имаат влијание врз креирањето конкретни политики. 

- Мораме да се соочуваме, сите ние, со новите околности што произлегуваат од развојот на нашата меѓузависност. Мораме уште повеќе да соработуваме и да градиме стратегии како демократијата и граѓаните на Европа да излезат уште посилни од овие бури и ветришта, рече Вељаноски. 

Одговорноста за сегашната политичка состојба во Македонија, смета првиот парламентарец, во најголема мера е на домашната политичка елита, но апсолутен факт е и дека долгогодишната блокада на нашите евроатлански интеграции има негативни импликации врз целокупната политичка состојба во земјата, 

Посочувајќи на актуелната политичка состојба во земјата, првиот парламентарец во своето обраќање истакнал дека од јуни минатата година по завршувањето на парламентарните избори, политичкиот дијалог помеѓу парламентарното мнозинство и опозицијата е сведен на минимум.

- Парламентарното мнозинство неколку пати и со помош на нашите европски пријатели повика да се разговара за сите барања и предлози на опозицијата, но тој дијалог треба да се одвива во Парламентот односно во институциите. Во овој период со помош на олеснувачи од Европскиот парламент течат разговори помеѓу двете страни и јас верувам дека политичките лидери и од мнозинството и опозицијата ќе покажат одговорност кон граѓаните и ќе се најде вистинското решение, рече Вељаноски.

Во однос на добрососедските односи, Вељаноски рече дека Македонија токму преку дијалог денес има високо развиени односи со сите држави во регионот, иако имаше многу отворени прашања.

- Меѓутоа, засега многу тешко ни оди воспоставување дијалог со нашиот јужен сосед, рече тој.

Како најсоодветен пример за успешен политички дијалог во Македонија тој посочи на Охридскиот рамковен договор.

- Овој документ е резултат на соработката помеѓу политичките претставници на македонската и на албанската етничка заедница, договорен со помош на меѓународната заедница. Неговата имплементација, која е процес и кој сè уште трае, е исто така резултат на дијалог кој се води пред се во Собранието. 

 

 

Оцени ја веста

21.04.2015 - 15:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега