Нова Канцеларија за соработка Долна Нормандија-Македонија
Во Скопје денеска ќе биде отворена нова Канцеларија за децентрализираната соработка Долна Нормандија-Македонија, која годинава одбележува 10 годишнина. Локалната канцеларија во Скопје ќе даде значаен придонес за промоција на меѓународната соработка на македонските општини.
Канцеларијата ќе ја отворат претседателот на регионот Долна Нормандија Лоран Бове и француската амбасадорка во Македонија Лоренс Оер.
Канцеларијата за децентрализирана соработка Долна Нормандија – Македонија е координативно тело на соработката помеѓу овој француски регион и Македонија. Таа има значајна улога во поврзување партнери од двете територии и развивање заеднички проекти.
Во изминатиот десетгодишен период во рамките на соработката се реализирани над 100 размени, проекти и партнерства помеѓу општини, здруженија на граѓани, културни и образовни институции.
Институционални партнери на програмата за соработка се Министерството за локална самоуправа на Македонија и Регионот Долна Нормандија. Соработката е поддржана од француското Министерство за надворешни работи и Француската амбасада во Македонија. Програмата е координирана од страна на Асоцијацијата на агенции за локална демократија (АЛДА).
Канцеларијата на соработката во Скопје претставува и локална канцеларија на АЛДА. Оваа европска мрежа на локални власти и здруженија на граѓани има седишта во пет европски земји меѓу кои и Скопје. Локалната канцеларија во Скопје дава значаен придонес за промоција на меѓународната соработка на македонските општини.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа