Јолевски и Котески ги посетија кандидатите за професионални војници на АРМ
Министерот за одбрана Зоран Јолевски и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал потполковник Горанчо Котески, денеска на Пепелиште и армискиот полигон Криволак присуствуваа на дел од селективниот курс кој се спроведува за лицата кои ги исполниле условите за кандидати за професионални војници, пренесува МИА.
Станува збор за курс кој почна при крај на јануари и е во завршна фаза. Најдобрите ќе бидат примени како професионални војници во АРМ. Курсот трае 24 дена, а избраните ќе бидат дел од специјалните единици.
- Откако станав министер целта ни е да ги дигнеме овие единици на уште повисоко ниво иако тие и сега се на високо ниво. Затоа преземавме неколку чекори за дополнително зајакнување на овие единици, а со тоа да ги зајакнеме и другите делови од АРМ. Во таа насока веќе работиме и конкретно, нагласи министерот Јолевски во изјава за медиумите.
Генерал Котески посочи дека на курсот се пријавиле 1.050 кандидати.
Во рамки на посетата министерот Јолевски се спушти со јаже на мост на патот Пепелиште - Штип. За цело време на изведувањето на селективниот курс беа присутни доктор со медицински тим, искусни инструктори и стручни лица кои се грижат за правилна и безбедна работа на кандидатите.
Покрај спуштање од мост, во рамките на воената алпинистика присутните видоа и дел од обуката качување и спуштање по карпа и теренска вежба на Демиркаписката клисура, но и неколку активности во Центарот за обука Пепелиште како дел од армискиот полигон Криволак.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа