Груевски: Земјите и народите на Балканот споделуваат заедничка историја и тоа треба да ги зближува

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски на 15. Конгрес на партијата во Куманово се осврна и на односите со соседите. 

За односите со Бугарија, Груевски истакна ќе се направат максимални напори тие да бидат како што доликува, имајќи ги предвид нашите блискости по многу прашања и аспекти. 

- Од нивна страна единствено бараме да не не ставаат во нивната дневна политика на препукување на партиите, во смисла кој е потврд кон нас, или кој пожестоко нешто ќе ни каже, за да личи на поголем патриот, или мали и незначителни негативни  случувања кои не може да ги контролира било која влада да ги претвораат во огромни меѓудржавни проблеми на база на кои некој треба внатрешно политички да испоентира, рече Груевски.

Потенцира дека сепак, мора да бидеме реални и подвлечеме, дека во однос на Бугарија од наша страна е водена повеќедецениска рефлексна политика, честопати базирана на стереотипи, во целиот период на комунизмот, а и во добар дел по независноста што има последици и денеска. 

- Зошто било тоа така, да и го оставиме на историјата. Ние сме подготвени да изградиме цврсти столбови на пријателство и партнерство со овој наш сосед, базирани на меѓусебна почит, заемна помош и пријателство и да го дадеме својот придонес  во почеток на една нова ера во нашите односи, истакна Груевски.

Посочи дека земјите и народите на Балканот споделуваат заедничка историја во различни историски епохи и тоа треба да не зближува, а не разединува. Според Груевски, во една таква ситуација, обидите за ставање на историјата во дневнополитички контекст не ни помагаат за наша подобра иднина. Историјата, додаде, треба да ја оставиме на историчарите, а ние да градиме нови мостови. 

- Гледано во светски рамки сите ние на Балканот сме мали држави, и економски слаби, и меѓусебната почит и соработка може да ни помогне да бидеме посилни и посреќни, рече Груевски. 

Односите со Србија, според него, се добар пример, како со земја  со која низ овие години, наместо да гледаме да најдеме причина да се скараме, двострано наоѓаме причини да соработуваме и да си помагаме на секое ниво.

- Тоа не значи дека немало по некоја грешка од едната или другата страна, но имало имало доволно воља без кревање тензија и собирање поени, тоа прашање да се реши. Така треба и да продолжиме. Така треба да биде и со Бугарија и со Грција, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен премиер.

Односите со Косово и Албанија ги оцени како солидни кои треба да продолжат да се надградуваат не само, како што рече, заради фактот што сме соседни држави и упатени на соработка, туку и заради големиот број на Алабанци во Македонија кои имаат и културни, традиционални, семејни и пријателски врски со овие две земји.

Тие мостови, порача Груевски, треба да ги искористиме во функција на Македонија.

Посочи дека во изминатите 4 години ја продолжиле стратешката соработка со САД, и дека тоа ќе остане наша заложба и правец и во иднина.

Додаде дека ќе се продолжи го градење пријателски релации и соработка и со другите големи сили или регионално влијателни држави како Кина, Индија, Русија, Јапонија, Австралија, Канада, и земјите од регионот со кои имаме одлична соработка и комуникација како Словенија, Хрватска, Турција, Австрија, Унгарија, Чешка, Полска, Романија, Италија, Словачака, Црна Гора, БиХ... земји кои се наши традиционални пријатели и подржувачи. 

 

 

Оцени ја веста

03.05.2015 - 11:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега