Дали знаете зошто постојат различни крвни групи?

Која е еволутивната предност на крвните групи, како тие се дистрибуирани во рамки на популацијата и дали навистина е важно на која крвна група припаѓаме?

Во 1492 година Папата Иночентије VIII бил тешко болен. Неговиот доктор предложил како терапија да земе крв од друго, здраво лице, а бидејќи сеуште не постоело знаење за интравенскиот кардиоваскуларен систем, единствено решение било крвта да ја испие. Терапијата сепак не поминала успешно, бидејќи набрзо Папата починал. Меѓутоа, овој случај останал забележан како прв познат случај на трансфузија на крв.

На многу, од денешна перспектива наивни, дури и бизарни методи за трансфузија, додадени се и повеќевековните обиди за внесување на крв од животни во организмот на човекот. Колку и да биле неуспешни, тие сепак давале свој придонес на науката, макар и што укажувале на погрешен пристап, а во 19 век англискиот лекар Џејмс Бландел конечно сватил дека при мешање на крв од здраво и болно лице доаѓа до нејзино згрутчување во грутчиња, со што веќе дошле до решение за оваа вековна мистерија. Недостасувала само уште последната алка.

Во 1900 година австрискиот биолог Карл Ландштајнер во своите истражувања отишол чекор подалеку и сакал да се увери дали ќе дојде до згрутчување и ако се помеша крв од две здрави лица. Тој земал примероци од својата и од крвта на своите соработници, ја мешал секоја со секоја и забележал законитости под кои некои примероци на крв се згрутчувале, а не некои не и конечно дошол до заклучок дека постојат три групи кои ги именувал со А, Б и Ц.

Ова епохално откритие вредно за Нобелова награда, означило крај на повеќевековните неизвесности и страв кај лекарите во состојба кога на некој пациент треба да се даде крв. Во почетокот потфат од висок ризик, сега станал рутинска процедура.

Гужва на еритроцитите

Денес знаеме дека на еритроцитите кај човекот се наоѓа сложен протеин и шеќери наречени антигени. Нив ги има над 270, па полесно се категоризираат сврстени во 33 системи. На пример, едно лице може да има едни антигени, друго лице други, а да ги нема првите, додека трети лица можат да ги имаат и едните и другите. Кога се зборува за крвната група, пред се се мисли на два од сите овие системи – АБО и Рх, пред се поради нивната критична важност при трансфузија на крв.

Системот на АБО крвни групи го сочинуваат само два антигени – шеќери Н-ацетигалактозамин и галактоза, кои се врзани за Х антигенот како основа. Првиот е наречен А антиген, а вториот Б антиген. Основата на Х антиген ја има секој на светот, освен една популација, за што ќе зборуваме подоцна, а луѓето се делат на тие кои за Х имаат закачен само А антиген, т.е. А крвна група, само Б антиген т.е. Б крвна група, двата т.е. АБ крвна група, што е многу поредок случај, или немаат ниту еден од овие два дела т.е. 0 или нулта крвна група.

Овие два антигени станале омразени тој момент кога научниците сватиле дека ако при трансфузија внесената крв има антиген кој го нема во крвта на примачот, неговиот имунолошки систем тогаш покренува бурна одбранбена реакција. Се создаваат антитела во крвната плазма, кои почнуваат жестоко да напаѓаат и се лепат за тие внесени туѓи антигени, создавајќи ги претходно наведените грутчиња. И колку и да сме благодарни на нашиот имунолошки систем што со ваква реакција не брани од туѓи супстанции, причина за загриженост и тоа како има, бидејќи овој процес понатаму доведува до ослободување на хемоглобинот во плазмата, што на крај резултира со смрт.

Затоа мора да се внимава која крв, т.е. кои антигени смеат да се внесат во која крв. Крвната група А не смее да се внесе во Б крвна група, како што ни АБ крвна група не смее да се внесе во двете претходни, со оглед на тоа дека во двата случаи АБ крвната група ќе има еден антиген кој го нема во крвта на примачот. Меѓутоа, во АБ крвната група, може да се внесе било која, бидејќи ниту еден антиген нема да и биде туѓ, па нема да има потреба за одбранбена реакција. Поради ова се вели дека АБ крвната група е универзален примач. Од друга страна, нултата крвна група е посебна поради тоа што, бидејќи нема ни А ни Б антигени и дека е безопасна, може да влезе во крвта на било која од сите четири крвни групи, па затоа се вели дека таа е универзален дарител. Но, истовремено е и најранлива кога се работи за примање на крв, бидејќи сите освен истата нулта група, можат да наштетат на нејзините антигени.

Покрај АБО крвните групи и нивните антигени, од значење за трансфузијата за светската популација е и антигенот под името Рх фактор. Во зависност од тоа дали некој го има или нема, се вели дека Рх факторот е позитивен или Рх негативен. Рх позитивното лице може да прими и позитивна и негативна крв, Рх негативното лице може да прими само негативна, додека при внесување на позитивна ќе дојде до создавање на антитела. Трансфузионата реакција сепак нема да остави толку тешки последици, барем не во првата трансфузија, бидејќи антителата против Рх факторот се создаваат побавно од тие против А и Б антигените. При втора некомпатибилна трансфузија веќе постои опасност од фатални последици.

Меѓутоа, во еден случај драстично е поопасно непознавањето на Рх крвната група на некое лице. Ако брачен пар сака да има деца, од критично значење ќе биде познавањето на Рх факторот на идната мајка, бидејќи ако таа е Рх негативна, а таткото позитивен, детето најверојатно ќе биде позитивно. Тогаш неговата крв од стомакот на мајката ќе помине во нејзиниот крвен систем, па нејзиниот имунолошки систем ќе одговори како во случај на трансфузија, значи со создавање на антитела, кои повторно ќе преминат назад во крвниот систем на детето, кое сега го има во себе Рх антигенот и антитела за борба против тој антиген. Во првата бременост овој процес нема да остави последици на детето, но во втората, поради далеку поголемо создавање на антитела во крвта на мајката, тие можат да бидат многу тешки како кај некомпатибилноста на АБО крвните групи, што значи дека можат да доведат до смрт. За среќа, науката доволно напредуваше да ги отстрани недостатоците на ваквите состојби, кои така можат да поминат без последици.

Неизбежен фактор на еволуцијата

Благодарение на науката, младите брачни двојки можат да бидат спокојни. За тоа време, научниците и нивната љубопитност ги мачат секогаш нови проблеми. Пред се прашањето за потеклото на АБО крвните групи во човекот и исто така интригантното прашање за нивната функција, или цел.

Ако се вратиме на почетокот на овој текст, ќе видиме дека порано лекарите, давајќи на пациентите животинска крв, биле на траг на нешто поинтересно, макар и несвесно. Во крвта на некои животни навистина има крвни групи, а меѓу нив се кучињата, мачките и глувците.

Меѓутоа, она што за нас е посебно значајно е дека само приматите имаат АБО крвни групи, како тие кај човекот. Тоа ни зборува дека пред околу 20 милиони години сме морале да имаме заеднички предок. Од него во текот на еволуцијата почнале да се разгрануваат нови видови, од кои денес сме настанале, меѓу другото, шимпанзата, горилите, гибоните и човекот. За сите нив е заедничко дека имаат АБО крвни групи, но во едно многу се разликуваат: сите тие ги немаат сите групи. Човекот ги има сите четири, горилите само Б крвна група, додека нашите најблиски роднини шимпанзата имаат А и нулта. Затоа теоретски и може да се замисли шимпанзо да лежи на кревет за трансфузија и да дава крв за А крвна група. Ниту еден вид на примат, освен човекот, нема АБ крвна група.

Но, што се случило со шимпанзата со Б крвна група или кај горилата со А крвна група? Со оддалечување на видовите едни од други, кај секој од нив доаѓало до посебни мутации на гените кои ја одредуваат крвната група, што за последица имало настанување на ензими кои го создаваат А антигенот, кај некои Б антигенот. Со природната селекција и генетичкиот дрифт со тек на времето единките без еден од двата антигени ќе ја преплават целата популација. Научниците откриле дека и кај човекот мутацијата на АБО гените повеќе пати доведувала до промена на А или Б крвна група во нулта. Тоа значи дека нулта крвната група можела да настане повеќе пати, најмалку три пати, кај различна популација кои немале допирни точки, како во случај со хомоплазијатта или независната еволуција (појава на крилја кај птиците и лилјаците).

Тешко е да се каже од која крвна група почнало сето ова, поточно, која била првата, по која со мутации настанале сите други. Според една теорија, АБ крвната група е таа од која со мутации настанале А, Б и нулта. Според друга, тоа е нултата, бидејќи староседелците во Јужна Америка и Ексимите во речиси 100 отстотен број имаат нулта крвна група.

Нешто поверојатна е третата теорија според која прво настанал А антигенот, а со мутации во текот на неколку милиони години дошло до нулта крвна група, т.е. исчезнување на А антигенот и на крај до настанок на Б антиген.

Оваа теорија може да биде потврдена со распространетоста на крвните групи во светот, која јасно ја оцртуваат миграциите на населението – А крвната група е најприсутна во Европа, нулта крвната група е убедливо најраспространета во Јужна и Северна Америка и далеку е подоминантна во тој дел на светот од што е А крвната група доминантна во Европа, додека Б крвната група е најприсутна во Азија, а најретка кај староседелците во Америка и Австралија.

Раширеноста на крвните групи, но и прашањето на целта и користа од нив, може да се доведе во врска со зголемен или намален ризик од некои болести, како и условите на различните средини во кои некои крвни групи се доминанти. Имено, некои истражувања покажуваат дека носителите на нулта крвна група имаат статистички многу поголема веројатност од ризик на добивање на чир и истегнување на Ахиловата тетива, но и помал ризик од добивање на рак на панкреасот. Крвната група А, од друга страна, има поголем ризик од добивање на рак на панкреасот и желудникот, срцеви болести и маларија. Ова се само некои корелации, но кои сами по себе не значат дека носител на некоја крвна група веднаш е и носител на предиспозиција дека ќе се разболе од наведените болести. Поголемата распространетост на Б крвната група во Азија научниците ја објаснуваат со епидемиите на малите сипаници и бубонската чума, поради која се намалил бројот на луѓето со А и нулта крвна група – таа крвна група која е склона на некои болести со својата редукција овозможила на другата крвна група да ја преплави популацијата по пат на генетички дрифт. Едно од можните објаснувања поради што некои крвни групи се склони на некои болести е дека одредени бактерии полесно се врзуваат за А антигенот, а некои за Б антигенот.

Бомбајска мистерија

Целосна непознаница за научниците е одредена популација во Индија кај која не постои ниту една крвна група од АБО системот. Тие не само што немаат А и Б антигени, туку немаат ни Х антиген, за кој треба да бидат врзани А и Б.

Она што е нај интересно е дека тие луѓе немаат никакви недостатоци ниту чувствуваат некакви последици од ваквиот фенотип во секојдневниот живот. За нив најголем проблем настанува само кога им треба трансфузија на крв. Во тој случај, можат да примат само иста крв, бидејќи и нултата крвна група може да има тешки последици по нив. Ако на нив ништо не им недостасува без крвни групи, науката со причина бара одговор на прашањето дали ние кои ги имаме сме во предност. 

Национална географија - Вашингтон

 

 

Оцени ја веста

04.05.2015 - 13:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега