РСМ повторно мета на насилните демонстранти

За време на вчерашните насилни протести, мета на напад беа и просториите на Радио слободна Македонија.

Вчера вечерта дојде до физички напад и кршење на просториите на РСМ во кој е нанесена материјална штета од страна на дел од насилните демонстранти пред Владата.

-Синоќа за време на протестите кои се случуваа пред објектот на Владата, дојде до судир на демонстранти при што за време на кршењето и палењето настрада и влезната врата на Радио слободна Македонија, беше буквално демолирана, беа фрлани камења врз неа и беше скршена. За среќа новинарските екипи не беа тука и за среќа немаше повредени, истакна уредникот на РСМ Дејан Андоновиќ.

Но, ова не е прв пат. Досега, во повеќе наврати Радио слободна Македонија беше цел на провокации, напади и попречување во работата. Персоналот и новинарските екипи, повеќе пати биле вербално малтретирани, провоцирани и биле цел на опструкции со цел нарушување на основите човекови вредности и права.

-За сите протести кои се случуваат пред владината зграда, радиото страда од неодговорни граѓани, кои не знам со што се предизвикани да го напаѓаат медиумот. РСМ е приватен медиум и независен. Известува исклучиво за настаните кои се случуваат во Македонија и надвор. Не гледам од каде се испровоцирани да го кршат. Се работи за вандалски чин, додава Андоновиќ.

Од таму велат дека, дел од медиумите кои пренесуваа и лиферуваа креирани информации околу настаните пред Влада, воопшто не го пренесоа нападот врз РСМ, што јасно укажува дека настанот бил планиран и координиран од страна на група која се обидува да изврши притисок врз медиум кој непристрасно се занимава со информирање на јавноста во врска со дневно политичките настани.

-Сакаме да веруваме дека последните случувања со оштетувањето на објектот, како и претходните провокации, дека не се однесуваат на  политиката која ја водиме, туку на неодговорно и дивјачко однесување на одредени луѓе кои себе си се нарекуваат демонстранти и очекувам, пред се од колегите од другите медиуми да не поддржат во нашата понатамошна работа и безбедност за да можеме да известуваме непречено и точно.

Од РСМ најавија дека ќе продолжат професионално и навремено да ги извршуваат своите работни обврски и нема да потпаднат под притисоци од ваков вид. Нивната единствена цел како независен медиум е да ја информираат јавноста и да ја задржат професионалноста. 

 

 

Оцени ја веста

06.05.2015 - 17:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега