Сервисирањето на ИТ опрема најголем проблем на потрошувачите

Потрошувачите во Македонија во првите три месеци од годинава најмногу проблеми имале со сервисирање технички производи, пред се мобилни телефони, лап топ и десктоп компјутери, телевизори и други апарати за секојденвна употреба.

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија информираат дека граѓаните од почетокот на годинава имале помалку проблеми со производите од бела техника и други видови технички производи, а најчесто се жалеле на проблеми со мали кујнски апарати, клима уреди и грејни тела.

Во текот на првиот квартал од 2015-та година, во советодавното биро на Организацијата на потрошувачите на Македонија во Скопје, се извршени 479 советувања од кои 35 лично, 283 по пат на телефон и 161 по пат на електронска пошта. Од советувањата 436 се општо правни, а 43 специјалистички за храна, права на пациенти, финансиски услуги и домување.

Во доменот на производи за домот, поплаките најчесто се во поглед на изработка и испорака на мебел, каде потрошувачите се жалат дека чекаат со месеци испорака на производ за кој било договорено да биде испорачан за 30 дена или помалку или дека производот кој го добиле е со многу лош квалитет или воопшто не содејствува со порачаното.

Во доменот на производи за лична употреба најчесто потрошувачите се жалат за обувки и облека, особено проблеми со враќање на овие производи иако биле неупотребени, проблеми со оштетување на производот во гарантен рок и сл.

Во овој период е забележан зголемен број проблеми со телекомуникациските услуги, особено користењето на услугите од операторите кои нудат телевизиски пакети.

Граѓаните се жалеа на исклучувањето на дел од програмите и бараа раскинување на договорот, што не можеше да се реализира поради немање основ, односно поради тоа што во договорите не се наведени телевизиските пакети, односно каналите не се точно наведени.

Како што наведуваат од ОПМ, по нивна реакција до надлежните органи, Агенцијата за електронски комуникации донесе правилник со кој операторите се обврзани да склучат нов договор со потрошувачот, каде ќе се обврзат да исполнат одредени канали кои се во пакетот, а при промена на пакетот, потрошувачот ќе има право да го раскине договор, без да плати казнени пенали.

Потрошувачите во овој период се соочиле и со превисоки сметки за електрична енергија поради често вршење на механичка пресметка на електричната енергија, со што се прави просек на потрошената енергија, а не се пресметува точно потрошената електрична енергија во изминатиот месец.

Од Организацијата, посочуваат дека потрошувачите се жалеле дека ваквиот начин на мерење им создава голем проблем поради тоа што се случуваат големи отскокнувања во сметките од месец во месец. Имено, одреден месец им стигнува сметка поголема за неколку пати, па потоа неколку месеци плаќаат симболични суми (порамнување). Тие велат дека ваквиот начин на наплата им преставува голем проблем во планирањето на семејниот буџет, а особено овој проблем се јавува кај ранливите категории на граѓани.

Во делот на услугите најголем дел на поплаки на потрошувачите имало за туристичките аранжмани, особено во периодот по новата година и за време на празниците кога најчесто се патува. Потрошувачите се соочуваа со ненадејно откажување на аранжманите од страна на туристичката агенција, со неисполнување на дел од аранжманот и слично.

Потрошувачите на ниво на Град Скопје се жалеле на испораката на топлинската енергија, во која во одредени реони имало прекини поради дефекти во системот за што требаше долг временски период да се санираат. Тие во тој период користеа дополнително греење за што бараа да бидат сразмерно обесштетени.

Во делот на специјалистичките советувања најголем број поплаки се однесуваат во доменот на храната, особено за декларирањето на прехранбените производи. Потрошувачите се жалеа дека производите немаат македонска декларација на кирилско писмо, дека се сомневаат во манипулации со гарантниот рок на производот.

Помал дел поплаки се однесуваат на финансиските услуги, проблеми со кредити и пресметување камати или проблеми со трансакциските сметки. Исто така, во мал број има поплаки за здравствените услуги и домување.

 

 

 

Оцени ја веста

08.05.2015 - 11:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега