Делчево ќе добие двоен тениски терен
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески и градоначалникот на општина Делчево, Дарко Шехтански денеска го означија стартот на изградбата на двојниот тениски терен, кој е инвестиција на Агенцијата за млади и спорт и е дел од поширокиот владин проект за изградба на 120 тениски терени ширум земјата.
- Вложувањето во спортот и спортската инфраструктура е еден од врвните приоритети во работата на Владата, со кој сакаме да им овозможиме одлични услови за спортување и практикување на здравиот начин на живот на сите граѓани на Република Македонија. Во изминатиов период имавме одлична динамика на реализација на изградба на спортските игралишта, салите и тениските терени. Имено, досега изградивме 39 тениски терени, 33 се во фаза на градба, а со овие два терени во Делчево кои ги започнуваме денеска, очекуваме до крајот на 2015 година да имаме завршени и предадени во употреба преку 70 терени. Кога на тоа ќе се надодадат и повеќенаменските игралишта, кои интензивно ги градиме ширум државата, слободно можеме да констатираме дека полека, но сигурно ја менуваме спортската мапа во нашата земја, изјави Спасески, кој посочи дека покрај тениските терени, во Делчево предвидена е изградба и на повеќенаменско спортско игралиште.
Градоначалникот на Делчево, Шехтански се заблагодари на Владата и Агенцијата за оваа инвестиција и укажа на тоа дека и локалната самоуправа инвестира во спортска инфраструктура во сите населени места, создавајќи услови и можности граѓаните да рекреираат, а младите професионално да спортуваат.
Директорот Спасески и градоначалникот Шехтански го промовираа и проектот “Урбан ѕид”, со кој ги стимулираат младите луѓе да цртаат графити со позитивни пораки, без притоа да оштетат некоја јавна површина.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа