ФОТО: Пуштен во употреба кружниот тек кај Порта Влае
Новоизградениот кружен тек на булеварот Партизански одреди кај Порта Влае и проширувањето на булеварот Партизански одреди до автобазата на ЈСП во Ѓорче Петров денеска официјално беа пуштени во употреба. Овој дел од булеварот од најнефункционален и најнебезбеден денеска е претворен во функционален кружен тек кој ќе овозможува брз проток на автомобили, поголема сигурност на пешаците, а претставува сосема нова визулена слика.
На настанот денеска присуствуваа премиерот на Р. Македонија Никола Груевски, градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, градоначалниците на Ѓорче Петров и Карпош, Сокол Митровски и Стевче Јанкимовски.
- Со изградбата на овој кружен тек се пробива уште едно тесно грло на градот и се овозможува полесна комуникација на жителите на Ѓорче, Влае, Карпош и сите останати кои ја користат оваа траса на патување. Проектите од ваков тип се влог во новиот лик на Скопје, Скопје кое ќе се издвојува по својата естетика и функционалности, ќе биде во чекор со европските метрополи, истакна Груевски.
Во изминатите неколку години, според него, Скопје доживеа една од најважните трансформации во историјата на своето постоење.
- Пред само една деценија овој град беше уште еден монолитен и полуурбанизиран пример за незаинтересираноста на локалната власт и несоодветното трошење на јавните средства. Денес, Скопје прераснува во вистински глобален град посетен од голем број странски туристи, а што е уште поважно Скопје станува град кој може да одговори на потребите на своите граѓани, подвлече Груевски.
Тој потсети на реализираните проекти, како што се проширените булевари, катните гаражи, дел од фасадите, кружните текови, парковите, жичарата на Водно, Градскиот стадион, театри, музеи, модернизација на Зоолошката градина, набавката на нови автобуси и се, како што нагласи, што доликува на главен град и град со динамична демографија и континуирана урбана експанзија.
Скопскиот градоначалник Коце Трајановски истакна дека со изградбата на кружниот тек се комплетира мрежата на модерни сообраќајни решенија, кои претставуваат вистински сервис за граѓаните и гарантираат забрзан раст на општините Ѓорче Петров и Карпош.
Градоначалникот Митревски пред присутните граѓани рече дека порано овој дел од булеварот бил една од најризичните, а тоа посебно било изразено во утринските и попладневните часови кога се создавал голем сообраќаен метеж.
Изградбата на кружниот тек, според градоначалникот на Карпош, Јакимовски ќе овозможи подобра циркулација на возилата не само од општините Карпош и Ѓорче Петров, туку и за цело Скопје.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа