МВР: Терористите нападнаа со автоматско оружје, бомби и снајперски оган
Министерството за внатрешни работи утринава отпочна акција за откривање и разбивање на поголема вооружена терористичка група, која според оперативните сознанија со кои што се располага имала за цел да организира напади врз државни институции.
-Информациите до кои дојдовме деновиве укажуваа на тоа дека групата влегла илегално во Република Македонија од една соседна држава и преку свои поддржувачи се засолнила и утврдила, подготвувајќи се за идните терористички напади.
Надлежните служби при Министерството успеаја да ја лоцираат во кумановската „Дива населба“, односно во неколку куќи во населбата. Сознанијата говореа дека станува збор за група која е добро вооружена и обучена за борба во вакви услови.
Врз основа на претходните информации беше изготвен план за постапување и беше формиран штаб кој ги координира активностите. Околу 5 часот денеска, специјалните единици отпочнаа со реализација на планот. Истите наидоа на жесток отпор од терористите кои ги нападнаа со автоматско оружје, бомби и снајперски оган. На нападот е одговорено исклучително внимателно и соодветно на ситуацијата.
Во моментов сеуште се во тек активностите на теренот. Станува збор за специфично подрачје со тесни улички и голем број куќи кои се збиени што преставува дополнителен ризик за полициските единици кои дејствуваат на терен, истакна помошник министерот за односи со јавност на МВР Иво Котевски.
Полицијата, заради спецификите на теренот напредува тактички и мора да врши претреси во сите околни куќи заради безбедносни причини.
Заради чувствителноста на ситуацијата во овој момент не соопштуваат детали, но подоцна ќе излезат со целосни информации за преземените мерки.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа